Министерот за надворешни работи на Турција им одржа лекција на членките на ОН на тема состојбата со миграцијата во светот и зошто треба да се повеќе ангажирани

Објавил: Мирко Бачиќ | 25 септември, 2018 8:27

Чавушоглу во ОН: Средоземното Море се претвора во гробишта на очајни луѓе

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Медитеранот се претвора во гробишта на очајни луѓе, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, пред Генералното собрание на ОН, каде главна тема е миграцијата.

“Дозволете да го свртам вниманието кон ужасната реалност. Медитеранот, лулката на вековните цивилизации, се претвора во гробишта на очајни луѓе.” – рече Чавушоглу.

Министерот посочи дека во светот има околу 260 милиони мигранти, повеќе од 68 милиони лица ги загубиле своите домови, а бројот на бегалци изнесува 25 милиони.

“Овие бројки постојано растат поради глад, тероризам и политичка нестабилност. Имајќи го ова  предвид, ниту една влада не смее да го игнорира овој проблем.” – рече Чавушоглу.

Министерот за надворешни работи на Турција немилосрдно но искрено ја опиша алармантната ситуација.

“Мртвите деца кои лежат на бреговите се срам за целиот свет и за човештвото.” – додаде првиот дипломат на Анкара.

Тој истакна дека, за жал, најголемиот товар на хуманитарните последици од сириската криза бил оставен на грбот на Турција.

“Обврските не се исполнети. Нашите повици за споделување на товарот и одговорноста не беа слушнати. Без оглед на тоа, продолживме да го следиме хуманитарниот пристап.” – додаде турскиот министер.

Чавушоглу посочи и дека трилатералната средба на врвот на Турција, Русија и Иран спречила уште поголема хуманитарна трагедија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести