Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.

Објавил: admin@magazin | 8 септември, 2019 10:23

ЧЕСТИТ 8 – МИ СЕПТЕМВРИ, ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

Фото/Текст извор: ©дневник лидер

Република Македонија денеска одбележува 28 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена Република Македонија.

Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација.

Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.
Во изминатите 28 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури.
И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО, на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.
Во 2005 година Македонија доби статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и во наредните години. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.

На 17 јуни 2018 година беше потпишан капитулантскиот Преспански договор, со кој Македонија се обврза да го промени уставното име во Република Северна Македонија, со што наводно се реши деценискиот спор со Грција за нашето уставно име. И покрај тоа, Македонија се уште нема датум за преговори со ЕУ, ниту пак е полноправна членка на НАТО.

Новото име на државата се применува од 12 февруари 2019 година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Настани