Во Битола Шеќеринска очекува победа, но во битолскиот СДСМ дел од членството се чувствува потценето во однос на помалите партии и општини

Објавил: Данаил Михајловски | 10 март, 2020 9:55

Шеќеринска носител на листа, очекува победа во Битола!

Фото/Текст извор: ©магазин

СДСМ на вчерашниот Конгрес, зад затворени врати, одлучи Шеќеринска да биде единствената жена носител на листа во ИЕ5, каде беше носител и во 2016 година. Втор на листата е Јован Митревски, пратеник од Струга и координатор на пратеничката група на СДСМ. Како трета на листата е битолчанката Бисера Костадинова, член на Извршниот одбор на СДСМ и професорка на педагошкиот факултет. Но, оттука натаму почнуваат разочарувањата за битолските социјалдемократи, бидејќи СДСМ бара 20.000 гласови од битолчани, а им нуди само еден кандидат за пратеник на добитна позиција. Дел од членството ваквиот однос од централата од Скопје го сфаќа како потценување, но Шеќеринска сепак очекува убедлива победа и јака поддршка од битолчани за неа.

Но, според извори во СДСМ, листата за ИЕ5 сеуште не е утврдена, и има можности за мали корекции на кои се надеваат во ОО на СДСМ во Битола. Она што вчера беше усвоено како нацрт-листа на кандидатите за пратеници во Изборната единица 5 изгледа вака:

  1. Радмила Шеќеринска, Скопје

  2. Јован Митревски, Струга (СДСМ)

  3. Бисера Костадинова, Битола (СДСМ)

  4. Лазар Танески, Охрид (СДСМ)

  5. Бети Рабаџиева, Ресен (СДСМ)

  6. Енес Ибрахим, Скопје (Партија на турците, коалиција)

  7. Боби Мојсоски, Кичево (ЛДП, коалиција)

  8. Александра Цветкоска, Кичево (СДСМ)

  9. Николче Бабовски, Битола (Влашка партија, коалиција)

  10. Фатмир Емуш, Струга (БЕСА, коалиција)

  11. Фијат Цаноски, Струга (ПЕИ, коалиција)

  12. Белкиса Зекири, Ростуше (СДСМ)

  13. Марија Кочовска, Д.Хисар (СДСМ)

  14. коалиција (Сојуз на роми)

  15. Оливера Чавкар, Крушево (СДСМ)

  16. коалиција (БЕСА)

  17. Петар Николовски, Битола (СДСМ младинска)

  18. Виолета батковска, Вевчани (СДСМ)

  19. Маринела Ојлеска, Струга (СДСМ)

  20. Един Јакупович, Долнени (СДСМ)

Несогласувањата главно се должат на тоа што мала општина, како Ресен, со 3.500 гласови за СДСМ, добива едно сигурно пратеничко место, колку и СДСМ од Битола, каде социјалдемократите за претседателските избори добија 20.000 гласови. Истата забелешка се однесува и на Кичево, од каде има двајца кандидати, еден од СДСМ, еден од ЛДП, а во општината СДСМ добива околу 4.000 гласови.

Втората спорна ситуација е кавгата со коалиционите партнери на СДСМ, на кои им било ветено добитно место. Имено, Заев го ветил добитното 6-то место во ИЕ5 и на Фијат Цаноски од ПЕИ (Струга) и на Николче Бабовски од Влашката партија, кој е многу близок со Верушевски. Но, вчера касно, во 23ч, со соопштение се јави Партијата за движење на турците и извести дека нивниот претседател Енес Ибрахим, во преговори директно со Заев, го добил шестото место во ИЕ5, како услов за останување во коалицијата. Сега Бабовски и Фијат Цановски очекуваат денес Заев да им објасни што се случува и кој е конечниот распоред на кандидатите за пратеници. Во секој случај во Битола има реакции што квалитетни кадри на СДСМ, како г-ѓа Соња Карапец и г-ѓа Емилија Костурски, многу вложиле за партијата, не ги добиле заслужените позиции на листата, а сето тоа на сметка на коалиционите партии или помалите општини кои се далеку под капацитетот на Битола.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.