Се поизвесно е дека Ципрас нема да обезбеди доволно поддршка за ратификација на Договорот со "земјата која нема име"

Објавил: Мирко Бачиќ | 18 јули, 2018 12:06

Што ако Грција не го ратификува Договорот? Што е ЕУ – а што НАТО?

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Независни Грци – политичката партија која единствено ја одржува Владата на премиерот Ципрас во “живот” се се појасни во ставовите дека нивните клучни пратеници ќе гласаат против или нема воопшто да гласаат за Договорот со “земјата која нема име” а не смее да се нарекува Македонија. Ставот на оваа политичка партија без која Ципрас нема просто мнозинство во грчкиот парламент е дека ратификацијата на Договорот треба да биде со 180 а не 151 пратеник при што потенцираат дека нивниот став ни пред Преспа ни по неа не е променет.

Независни Грци ја спаси Владата на Ципрас кога Нова Демократија побара гласање за доверба веднаш по потпишувањето на Договотот но тоа не го направи како поддршка на истиот туку како чин за спас на владината коалиција. Но тоа нема да биде случај кога и ако на дневен ред дојде Договорот. Независни Грци би го прифатиле Договорот само ако Сириза обезбеди 180 пратеници во поддршка што би подразбирало за него да гласаат и пратеници на ПАСОК и на Нова Демократија што е едноставно невозможно.

Оттука пораките кои доаѓаат од Скопје [ но и Брисел кој стана наш гласноговорник ] не кореспондираат со пораките кои доаѓаат од Атина. Па лесно може да се соочиме со фактот дека Република Македонија сама ќе го промени името а со тоа идентитетот и ќе си го негира постоењето – чин кој Грција може да не го признае како доволен за да ги одблокира пристапните преговори со НАТО и ЕУ иако Заев и Ахмети правно грешно слават покани за членство во ЕУ и НАТО без притоа јасно да им соопштат на граѓаните дека Република Северна Македонија можеби и ќе биде поканета за членка во НАТО и ќе започне пристапни преговори за членство во ЕУ но дефинитивно тоа нема да е Република Македонија.

Едноставно на Заев лесно може да му се случи реприза на фијаското наречено “Илинденска Македонија” само што овој пат политичкиот гаф ќе има непоправливи последици за Република Македонија и Македонската нација. Иако не е сосема јасно кои беа отстапките кои ги направи нашиот јужен сосед во фамозниот Договор со “земјата која нема име”?

Политичкиот скандал кој е на повидок треба да биде искажан со фактите дека ние од 29 НАТО држави членки под уставното име сме признаени од 20 или 2/3 додека од 28 члената ЕУ ние под уставното име сме признаени од 15 држави што се 51%. Да биде нелогичноста поголема Република Македонија од 195 члената Организација на Обединетите нации како Македонија е признаена од 135 држави членки или нации што е нешто над 2/3.

Политички примитивизам е да се менува име и идентитет на една нација за членство во НАТО за кое се говори дека ќе го подобри економскиот стандард?! НАТО или Северноатлантската алијанса е меѓународнa безбедносна организација која претставува систем за колективна одбрана со кој нејзините држави членки се обврзуваат за заедничка одбрана во одговор за напад од надворешни лица. Ние на југ и на исток граничиме со земји членки на НАТО а за партнер ја имаме и не така далечна Турција но стои и фактот дека од НАТО преку програмата за партнерство за мир во мисиите на овој воен сојуз Македонија учествуваме активно со делот на армијата.

Од друга страна Европската унија во основа е е наднационална и меѓувладина Унија на 28 земји – членки. Европската Унија всушност е најголемата конфедерација на независни држави во светот. Македонија аплицирала за членство во ЕУ на 22 март 2004 година. На 9 ноември 2005 година Европската комисија на Македонија решава да и додели статус на кандидат. На 17 декември 2005 Претседателството на Европскиот совет во Брисел на Македонија и доделила статус на кандидат за членство во Европската Унија т.е. препорака за започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Оваа препорака е повторена 8 пати до сега. Но ЕУ не е онаа од 2004 година ни правно ни економски.

По стекнувањето на статусот земја – кандидат Македонија воспоставува институционална рамка и ги дефинирала стратешките национални процеси поврзани со процесот на пристапување во ЕУ и е дел од сите институции и организации поврзани и кои произлегуваат од ЕУ. Македонија е официјално кандидат за членство во Европската Унија од 2004 година без датум за преговори во моментов. Датумот за преговори и нивното започнување се одложиле поради политички причини односно поради противењето на една од членките соседна Грција која не го признава Уставното име Македонија но и кога ќе ги заврши сите реформски пакети. Значи нема никаков датум за 2019 година – јули е само месецот кога ЕУ ќе одлучи дали воопшто ќе упати покана за членство или уште една позитивна препорака со низа забелешки.

И да не заборавиме на ефектот од 2007 година кој со влезот во ЕУ на Романија и Бугарија кои се полу – килави “рамноправни” членки на Унијата е сосема доволен показател дека финасиските стандарди на Унијата не кореспондираат до моќта на граѓаните на земјите членки како и одлуката на народот на Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска на 24 јуни 2016 година кога и кажаа “збогум” на ЕУ сметајќи дека со членството ништо не добиваат туку напротив го губат идентитетот и интегритетот.

Ние немаме економска моќ т.е. економски стандард за ЕУ [ Швајцарија има економска моќ но не сака да е членка на ЕУ ] и немаме ни политички интерес но ни безбедносно стратешка потреба за членство во воениот сојуз НАТО и за тоа говори фактот што држави како Австрија – Финска – Ирска – Шведска – Швајцарија избрале да се декларираат како воено неутрални држави.

Впрочем со наш економски стандард можеби е вистинско време за прашањето кој добива а кој губи во целата фама за НАТО и Европска Унија и зошто цената е Уставното име и идентитетот на Македонската нација? Но и зошто само 10 земји не отстапуваат од праксата да не ословуваат како ФИРОМ? Кој е интересот на Австралија или Ватикан да не се признае нашето Уставно име – дотолку повеќе каков проблем со нашето уставно име има Египет – Данска – Германија – Белгија – Франција – Шпанија или Холандија? Дури и проблемот кој сама со себе го има Грција е плод на еднострана имагинација.

Можеби на денешната лидерска средба би требало да се постават овие прашања пред воопшто да помислиме на Референдум за промена на името за ветувања кои се условени а за кои дури ни Ципрас не може да гарантира дека по евентуална промена на нашето име и идентитет ќе бидат прифатливи за Грција. Зошто немаше паралелна ратификација или се поизвесен паралелен Референдум на кој ќе беа поставени вистинските прашања? Ова се лични политички одлуки кои го менуваат идентитет на една нација иако по Устав и општествен уредување ние сме држава на народот а не на партиските интереси.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика