Како фактор во рекетот Катица Јанева е опишана и во сведочењата на Орце Камчев и Зоран Милески Кичеец, а се спомнува и нејзиниот син, вработен кај Боки 13, како потписник на договорите преку кои се реализирале рекети

Објавил: Весна Петровска | 5 јануари, 2020 15:38

Што правел Боки 13 кај Рускоска 15 саати? Гледале турски серии

Фото/Текст извор: ©онлајн магзин

Порталот Вечер вчера објави дека на 20 и 23 декември Бојан Јовановски, Боки 13, давал исказ во Јавното обвинителство за случајот Рекет кај обвинителката Вилма Рускоска. Првиот исказ е даван десет часа, а вториот повеќе од четири часа. Во тие искази, според сознанијата на Вечер, Боки 13 зборувал за рекетирањето и поделбата на пари од рекетот и, меѓу лицата кои земале од парите, спомнал близок роднина на поранешниот премиер Зоран Заев со иницијали В.З. Истото лице е спомнато и во контекст на закани кои Боки 13 ги примал во затворот Шутка.

Во истата прилика Боки 13 ги дал шифрите од неговите телефони на кои се наоѓаат снимки кои ги потврдуваат неговите искази, а кои МВР дотогаш не можело да ги отклучи. До објавата во Вечер овие распити беа тајна за јавноста.

Обвинителката Вилма Рускоска, истиот ден, потврди дека на тие датуми Боки 13 давал исказ кај неа, но со коментар дека не кажал ништо од тоа. Прво што би се запрашал секој е што правел Боки 13 кај Вилма Рускоска вкупно 15 часа ако не разговарале детали за случајот Рекет и за неговата невладина организација која е исто така обвинета. Оттаму, отпаѓа тврдењето на Рускоска дека Боки 13 без причина поминал 15 часа на распит кај неа.

Случајот Рекет, како и другиот случај рекетирање и измами преку невладината организација на Боки 13, секако дека се директно поврзани со врвот на СДСМ и власта. Како што е секому јасно дека Јавното обвинителство кое го предводи Љубомир Јовевски, кадар на Зоран Заев, прави се што може случајот да се заташка, а одговорноста да се фрли врз грбот на неколкумина извршители и за нив небитни политички ликови.

1. Случај со Зоран Заев. Според Зоран Заев, тој по укажувањето на Орце Камчев во април 2019 година го пријавил рекетот кај Вилма Рускоска, а нема ниту една пишана белешка според законска обврска на обвинителството за поднесена пријава од лице З.З. за рекет кон О.К. Ако Заев и Рускоска навистина знаеле дека Катица Јанева е вмешана во рекет, зошто тогаш премиерот Зоран Заев, претседателот на судскиот совет и државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски од април до крај на јуни 2019 јавно инсистираа токму Катица Јанева да остане на чело на СЈО. Зарем лице под сомневање за милионски рекет ја имало нивната доверба да води важно јавно обвинителство?! Или, сепак, постоела намера да се заштити Катица Јанева од истраги со преземање на нов мандат во СЈО, а дотогаш сознанијата за рекет во кој учествувала да се држат во тајност.

И ќе се држеше во тајност да не почнаа за тоа да пишуваат Бранко Геровски и порталот Вечер. Вмешаноста во Рекет и интересот за развој на настаните Зоран Заев ја потврди самиот со состанокот кој го имал со адвокатката на Катица Јанева откако таа беше ставена во притвор.

2. Случај Катица Јанева. Првообвинетиот Боки 13 е уапсен на 15 јули заедно со Зоран Милевски Кичеец. На 17 јули ЈО и обвинителката Вилма Рускоска демантираа намера за апсење на Катица Јанева. По ова Јанева оди на одмор во Грција, има доволно време за договор со власта и прикривање докази, а уапсена е дури на 21 август. Претходно, на излегување од распит кај обвинителката Вилма Рускоска пред камери Катица Јанева изјави дека “знае каде се парите земени од рекет“. Обвинителството ден денес тврди дека не знае каде завршиле парите од рекет, а Катица никој потоа не ја праша за подетална информација.

По апсењето Катица Јанева оди во притвор, а од 19 ноември Катица излегува од Шутка и оди во куќен притвор. Обвинета е за поткуп од 5.000 евра во подарен мебел и за земање поткуп во износ од 50.000 евра, ништо повеќе од тоа. На судењата Катица Јанева молчи, нема прашања за сведоците, нема свои доакази, пасивна е.

Како фактор во рекетот Катица Јанева е опишана и во сведочењата на Орце Камчев и Зоран Милески Кичеец, а се спомнува и нејзиниот син, вработен кај Боки 13, како потписник на договорите преку кои се реализирале рекети. Лазар Јанев имал раководна функција во 1ТВ, при претрес е одземен негов службен компјутер со докази во него, а ниту е под истрага ниту е сведок во постапката. Според Обвинителството на Катица Јанева и се одземени два телефони, според нејзина изјава таа користела три телефони. Не е наведен ниту еден доказ стекнат од нејзините телефони, особено за контакти со високи претставници со власта кои, и во овој случај, се заштитетни од обвинителството. Ако Боки 13 и Кичеец беа апсени и испитувани пред камери, со многу театар и кршење на презумција на невиност, Катица Јанева во судот влезе и излезе скриена од јавноста.

Обвинителството никогаш не побара, или барем јавно не даде детали, што е мотивот на средбите на Катица Јанева и Радмила Шекеринска кај Боки 13. Нема ни обвинение за Катица Јанева дека без законски основ сама на себе си потпишала и исплатила од сметката на СЈО над 300.000 евра, дополнително уште околу 800.000 евра на своите обвинители од СЈО и други соработници, како и за вработувања надвор од закон. Во времето кога Рекет беше топ тема, на 13 август 2019 година, Обвинителството поднесе обвинение против четири лица од МВР, конкретно од УБК, затоа што од касата за специјални задачи, пари за кои никогаш не се води книговодство, потрошиле за 10 години 800.000 евра, или околу 66.000 евра годишно без книговодствена документација. Катица Јанева само за себе незаконски трошела годишно повеќе од тоа, плус 800.000 евра за колегите.

Воопшто не е тешко да се заклучи дека помеѓу Катица Јанева, власта и Обвинителството постои договор за нејзин минимален законски третман и заштита на синот од одговорност во замена да не зборува повеќе од тоа што мора, а таа во своја одбрана – не зборува ништо, пушува Вечер.

3. Случај Зоран Милески Кичеец. Тој е уапсен заедно со Боки 13 на 15 јули. На снимките кои ги објави италијанскиот портал Верита се гледа дека Зоран Милески има секундарна улога во настанот, човек за врска но, исто така и човек кој е во контакт за Рекет со сите инволвирани, имал средби и со премиерот Заев, и знае многу. Но, нема никаква политичка тежина, и затоа е одбран да биде жртвуван за да не оди истрагата угоре, кон врвот на власта.

Веднаш е однесен во Шутка, одземен му е севкупниот имот со кој располага, и медиумите блиски до власта го ставаа во фокус на скандалот, свесно вртејќи го вниманието кон него.

И за него обвинителката Вилма Рускоска не даваше потврда дека зборувал пред неа, а кога се наведе датум на средба со Кичеец почна да се шири лажна вест дека се бранел со молчење. Дури и неговиот адвокат го тврдеше ова.

Порталот Вечер тврдеше дека исказ од Кичеец има, дека е даван повеќе од три часа, а на околу 10 страници текст биле запишани неговите зборови. Тврдевме дека во своите искази Кичеец во најголем дел го потврдува исказот на Орце Камчев но, зборува и за други бизнисмени кои давале рекет иако тие тоа не го признаваат пред обвинителството. Сето ова Обвинителството го демантираше.

Потоа, порталот Инфомакс излезе со документ, детали од исказот на Кичеец и бомбата експлодира. Обвинителството беше брутално демантирано и прозвано дека свесно го крие и заташкува исказот на Кичеец за да заштити луѓе од врвот на власта. За одмазда на новинарот, уредникот на Инфомакс кој објавил инсерти од исказот Обвинителството му најави кривичен прогон.

Потоа Кичеец даде втор исказ, па трет исказ…

Ниту еден од тие искази на Кичеец до ден денес не виде јавноста. Не се цитирани во обвинението, Кичеец го призна делото и за него судењето заврши, со што немаше прилика да се читаат неговите искази и јавноста да дознае кој учествувал во Рекет според неговите сведочења. Видовме само нов обид фактите и имињата на политичарите да се скријат од јавноста.

Зоран Заев, дури по притворањето на Катица Јанева дигна раце од неа, и почна јавно да ја поддржува Вилма Рускоска и нејзиниот шеф Јовевски како единствна гаранција за правдата во Македонија.

Првообвинетиот Бојан Јовановски денеска во судницата поставуваше дирекни прашања до Ана Камчева.

Прашање до Обвинителството: Зошто до денес не е вештачен телефонот одземен од Зоран Милески Кичеец, иако тој од Шутка е пуштен во куќен притвор? Во неговиот телефон има докази за контакти околу Рекет за целиот период на вршење на делото, но тие докази Обвинителството свесно ги прескокна. Зошто?

Доколку кримтехника во МВР нема начини да го дешифрира, отклучи телефонот и прегледа снимките нашето МВР стандардно во таков случај го дава телефонот кај експерти во Германија кои го сработуваат тоа. Наводно, тоа било скапо за нас, барале околу 20.000 евра. Прво, тие пари не ги плаќа ни МВР ниту обвинителството туку осудениот Зоран Милескии Кичеец. Второ, Рекет е процес на корупција на врв на обвинителска и државна власт, ако тоа не вреди таков трошок, што вреди? Или, повеќе вредно е да не се дознае кој и како од власта учествувал во рекетите. Се сокри сведочењето, исказите на Кичеец, телефонот не се чита… Адвокатот Дуковски, бранителот на Боки 13, на 25 септември изјави дека Рускоска не им дава увид во доказите, изјавите на Кичеец, иако има законска обврска за тоа. Треба ли повеќе од ова за секому да стане јасно што се случува.

4. Случај Боки 13. За него е најмногу пишувано и не би се повторувале во оваа прилика. Неспорно е дека во врвот на власта ги гледале раскошот и милионите со кои Боки 13 се расфрла пред нивни очи, а нема легални приходи, сметката му е блокирана. Видео изјавите и јавните средби со поддршка на Боки 13 со Зоран Заев, Костадин Костадинов, Ременска, Кирацовски, Шекеринска, Мила Царовска, Катица Јанева… ги знаеме сите и јасно е дека тука е клучот со кој Боки 13 ги отварал вратите за рекет и измами со неговата невладина организација. Тој нив ги сметал за глупаци кои може да ги искористи, тие него за будала преку која можат да заработат пари за себе на начин кој нив ги штити од директно учество и одговорност во рекетите и измамите, а парите мора да ги дели со нив.

Но, откривањето на рекетите и измамите ги изненади сите од тој кримоген клан. Боки 13 остана на ветрометина за прв пат свесен дека Заев, Катица и другите нема да го заштитат, а тие на удар на јавноста на која се и стана јасно бидејќи никој не е наивен. Уште во првите денови од скандалот Боки 13 на неговата 1ТВ при гостување кај неговата новинарка Јадранка Костова, две недели пред да биде уапсен, изјави дека ако се објават неговите снимки со Камчев, и ако се отвори пандорината кутија околу рекет и биде поврзан со тоа, нема да седи мирен.

На 15 јули Боки 13 е уапсен. На 8 октомври пред обвинителката Вилма Рускоска даде исказ за Рекет, а на 3 декември почна судењето за Рекет. Основана претпсотавка е дека со судењето ќе се брза за да се добие пресуда пред изборите, според потребите на сегашната власт на СДСМ и ДУИ, да не се случи со промена на власта на судење да видиме и детали кои сегашната власт можат да ја теретат.

На 6 декември пред судот сведочеше Орце Камчев кој ја потврди својата претходна изјава како пријавител на рекетирањето. Прецизираме, пријавител е Орце Камчев, а не Зоран Заев чие име не се ни спомнува во постапката во контекст на пријавител. Уште на ова, прво сведочење, Боки 13 покажа дека нема намера да загине без борба против власта која го пуштила низ вода кон негово целосно уништување. Најде начин, низ прашања до сведокот Камчев, да го уфрли името на министерот за здравство Венко Филипче кој имал деловна средба со Орце Камчев во домот на Боки 13. Тој детал јавноста претходно не го знаеше но, потоа, стана јасно дека и други министри од владата имале бизнис комбинации со Боки 13 кој посредувал во нивните деловни потфати.

Потоа, се појави домашната помошничка на Боки како сведок. Во таа прилика, повторно преку прашања до сведок, Боки уфрли информации дека кај него дома чести гости биле Катица Јанева, Радамила Шекеринска, Стефан Богоев, Александар Кирацоски, Венко Филипче… како и Зоран Милески Кичеец. Редењето на луѓе од власта со кои Боки бил во деловни комбинации се зголемува секој ден, и тоа се потврдува преку официјални изјави пред надлежен суд. Не случајно, на рочиштето пред Нова година, Боки и неговиот адвокат Сашо Дуковски се пожалија дека некој на Боки му се заканува во затвор, и дека е сериозно исплашен и загрижен поради тоа, таков страв кај Боки може да предизвика само некој кој има голема власт и моќ. Обвинителството не покажа интерес кој, како и со што му се заканува на Боки.

За разлика со заштита од истрага за синот на Катица Јанева, таткото на Боки 13 е предмет на две судења, и тука Боки е пред предизвик да се штити себе, но и фамилијата.

На крај, да заокружиме. Доаѓаме до објавата на Вечер за исказите на Боки пред Вилма Рускоска на 20 и 23 декември кои, се до објавата во Вечер, беа тајна за јавноста. Зошто, воопшто, е потребно на средина од судење, првообвинет да даде исказ од 15 саати пред обвинител за тој процес? Обвинетиот и онака има распит пред судот и може да зборува се што има да каже, пред сите и пред јавноста. Но, очигледно, Боки имал потреба во 15 саати зборување да каже нешто, да порача преку Рускоска, што засега не е за јавност. Очигледно, исто така, е дека обвинителката Рускоска имала причина 15 саати да го слуша тоа во четири очи а не пред јавноста и судската порота. Пораките од Боки 13 секако се испратени.

После се, адвокатот на Боки 13 и обвинителката Вилма Рускоска изјавуваат дека немало спомнување на луѓе блиски до власта, туку Боки само објаснувал дека му се закануваат. И така, 15 саати, повторувал дека му се закануваат. Да се потсетиме, и адвокатот на Кичеец, како и Рускоска, своевремено тврдеа дека ни Кичеец не зборувал ништо пред обвинителката, за потоа да се појават најмалку три негови искази. Јовевски и Рускоска, своевремено, пред а се објави исказот на Камчев, тврдеа дека таму не се спомуваат политичари.

Секако дека во време од 15 часа се зборува за многу повеќе работи, а во дополнителен исказ се зборуваат работи кои не се претходно кажани. Ако обвинителството има толку цврсти докази за закани кон Боки 13, што преземале во врска со тоа? Време е и да каже Рускоска дали се декодирани и вештачени телефоните на Боки 13, или и тие ќе се држат во тајност а доказите од нив под тепих како со телефонот на Зоран Милески Кичеец. Каде се видео снимките од домот на Боки13 кои ги спомна на судењето и побара да се изнесат како доказ, а снимките се кај Рускоска. Игнорињето на телефонските докази од Кичеец и Боки би можело да биде сериозно дело уништување или прикривање докази. Она што Вечер го напишал како сознание ќе го видиме наскоро и на дело, како што и за претходните три случаи кои се оспоруваа па се потврдија.

Едно е важно, и влева оптимизам. Може да се кријат докази, да се кријат луѓе од власта и штитат од последиците но, наскоро имаме избори и тоа дава можност сите дела и недела поврзани со Рекет и измамите преку невалдината на Боки 13 да излезат на виделина. Ако некој лани кажеше дека недопирливата Катица Јанева денес ќе седи на обвинителна клупа веројатно ќе беше исмеан и ќе завршеше со кривичен прогон. А еве, сепак, тука сме каде што сме, гледаме дека во суштина му се суди на Боки 13, судењата за Рекет следат допрва. (Vecer.mk)

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести