Затворениците го "овластиле" директорот на "Идризово", четирите барања да ги проследи до Владата, собраниското тело за помирување и премиерот Заев, очекуваат амнестија

Објавил: Мартин Попоски | 14 декември, 2018 14:26

Штрајкот прекинат, се испазари ли Заев и со затворениците за амнестија?

Фото/Текст извор: ©makfax/магазин.мк

Затворениците што издржуваат казна во затворот „Идризово“ од синоќа го прекинаа штрајкот со глад.

Директорот на „Идризово“, Боби Мојсоски, вели дека разговарал со нив и се договориле тој да ги испрати нивните барања до Владата, телото за помирување (Собранието) и премиерот Зоран Заев.

Затворениците, пак, велат дека штрајкот го прекинуваат оти се договориле Мојсоски, освен да ги испрати, да ги претставува нивните барања пред институциите.

Тие имаат четири барања и тие се однесуваат на казните. Дојдовме до заеднички јазик дека ништо нема да се реши со штрајк со глад, туку со преговори. – рече директорот Мојсоски.

Затворениците бараат општа амнестија за сите кривични дела за кои е дозволено со Уставот, преиначување на казната за осудениците осудени на доживотен затвор, ревизија на сите кривични дела за кои сметаат дека се монтирани процеси, а на осудените лица што се странци да им се прегулира статусот како што е предвидено во европското право.

Договорот меѓу директорот и затворениците е причина и за откажувањето на најавениот протест на фамилиите чии роднини изржуваат казна во „Идризово“.

Тие требаше денес да протестираат пред Владата.

Пред еден и пол месец затворениците најавија генерален штрајк.

Тогаш тие рекоа дека не може поголеми криминалци од нив да шетаат слободно и постојано да се амнестираат помеѓу себе, а други за пушење марихуана и украдени ќебапи и ајвар да лежат во затвор.

Со Законот за амнестијата, кој беше донесен на 15 јануари годинава, целосно ослободување од затвор добија речиси 815 лица со правосилна пресуда, а намалувањето на казната од 30 проценти опфати над три илјади осуденици.

Законот не предвидуваше амнестија за сторителите на убиство, кривични дела за силување, избори и кривични дела против државата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести