Прашање е веројатно само на ден кога ќе почнат да ни велат дека сопрузите треба да преговараат за сопругите и обратно.

Објавил: Перо Милчин | 13 јуни, 2019 10:17

„ШУТРАЦИ ЕДНИ, Делчев според владеачкиве мерила го заслужува епитетот БУДАЛА ВО МАКЕДОНИЈА„

Фото/Текст извор: ©денешен

Ете така дојдовме до тоа дека и шуто и рогато, и ќораво и она што не е ќораво, деновиве се распишувало за Гоце Делчев. Те за едни тој не бил Бугарин, па за други бил зашто имало негово писмо до Никола Малешевски, за на крај да дојдеме и до такви за кои Гоце бил на сите. Нешто како маалска курва, па кој стигне, игра покер со неа. За танга гаќички!

Интересно е ова. Поприлично. Оти дојдове до стадиум во кој се докажуваме за човекот. Откако претходно цела сурија шарлатани, илјада пара опинци искинаа за да го стават Гоце на маса, бркајќи го Грујо за мерцедесот со нови гуми од 56 илјади евра и за петте милијарди, веројатно на Мијалков, во Дубаи. Од кои ние не видовме ниту цент, па сега ни велат дека малку биле пивнати кога го зборувале тоа.

А можеби и не биле, ама си добиле дел од петката. Ама затоа, на морон-бизнисмени им праќаа емисари во Шутка за да им бараат да им префрлат процент од нивните фирми, па овие се жалат дека ги „отепале“ од рекет. Е, да, го бркаа Грујо и за Тамара на министерот Смрт кој сега е угледен екс функционер и пријател на „Животот“ и за Нешковски на оној што лежи во затвор и над чиј кревет има слика како се поздравува со Заев.
Но, ајде сето тоа… Ама, каква врска има Гоце со сите нив, појма немам. Ама демек тие биле умни, па ќе преговарале и за него. Тоа било европски и евроатлански. И ќе не одвело во Европа. Па заради тоа не воведоа во шарена хистерија во која и жртвите удбашки станаа ортаци со УДБА. Без срам, без перде, ниту на очите, ниту во главата, ниту во душата. Мери им го умот. Прашање е веројатно само на ден кога ќе почнат да ни велат дека сопрузите треба да преговараат за сопругите и обратно. И да постигнат компромис. Каков што бил предлогот заедно да го славиме Гоце на 7 октомври. Во тројка. Ние, Бугарите и самиот Гоце. Не знам само зошто во тоа не учествуваат и Грците. Па зар не е таму роден Гоце? А штом е таму роден, тој мора да е Грк. Или не е? Ах, да, бидејќи Грците признаваат Бугари, ама не и Македонци. Така што тој е роден во Грција, ама е Бугарин. За што веќе потпишавме со Хелените на Александар, нели? А Грците мора да знаат дали Гоце бил Бугарин или не, бидејќи не се прости како нас. Тие се Европјани од поодамна. Како и Бугарите од пред 10-тина години. А ние сме селанчиња кои мора да се европеизираат. За да не гледаат назад во историјата, во која гледаат и Грците и Бугарите и Германците и Французите. И за да ни биде полесно на душата кога одиме на Халкидики. Ако веќе сме го надминале стадиумот викан Платамона од времето на комунизмот. Ете, гледате колку сме напредни?
ГОЦЕ
Еден пријател од Институтот „Крсте Мисирков“ обично вели дека нашата грешка е што ние се обидуваме со денешни очи да гледаме на луѓето од пред сто години. И не можеме да ги сфатиме. Зашто нам денес во пределот меѓу двете уши најчесто ни одзвонува. Некој ќе не потчукне, а звукот оди од едната страна на черепот до другата, се враќа назад, па одново и одново и одново. И ни создава збрка. Поради која тешко сфаќаме.
Гоце е роден во град кому Солун му е под нос. Додека си се качил на коњот, дури и во тоа време, веќе си стигнал пред портите на „никогаш македонски, секогаш грчки“. Не многу висок, со неговите маркантни мустаќи, со појава која пленела, со ѕвезда која ги привлекувала луѓето, ги терала да го слушаат неговиот глас, да уживаат во неговото друштво и синџир „тешкото кафе“ што го пиеле заедно, тој можел да бегува и агува во животот. Трговија, алтани и грошеви на кило, кафиња, мезе, по некоја мастика или узо заради болките во желудникот, ручеци по хотели, меани и анови, девојка во секој град и село… (штета што бил роден во време кога не можел да ги проба и плажите на Халкидики), всушност Гоце можел да биде човек кому денешниве македонски олигарси со по неколку партиски дреса, би можеле да му завидуваат мрсулавејќи му се под прозор, зашто покрај парите кои можел да ги има, тој имал и чест и достоинство и углед кои овие денешниве ги немаат.
Но, тој одбрал нешто друго. Со што, мерејќи според сегашниве владеачки мерила во „Северна Македонија“, го заслужува епитетот „будала“. Наместо да се „шитне“ во некоја амбасада во Стамбол или конзулат во Солун или Монастир (не рускиот конзулат, се разбира, таму местото веќе го фатил Мисирков, па е само прашање на време кога поради тоа ќе се откажеме и од него), или наместо да му се полигави на султанот, еве не мора нему, можел тоа да го стори и во дворот на принцот Фердинанд или на кралот на Грција, Џорџ, и да си истетовира на челото дека тој, како Европјанин, тоа го прави за да ја европеизира Турција, кутриот одбрал нешто друго. Да биде „будала“.
А, по ѓаволите, не морал ни тоа да го прави. Можел да си ја гледа работата, да си плаќа рекет, и од столицата во некоја кукушка, софиска и солунска кафеана, додека музиката му свири на увце, танчерката му игра со градите пред очи, а жена му дома му ги чува децата, пере, пегла, готви… зашто тој е маж, нели, така му личи, да се смее на другите будали што се акаат по планините бркајќи се со турските потери. Бидејќи, нели, „голема работа“ дали неговиот Кукуш бил во Турција, Бугарија, Грција, Македонија…, „голема работа“ како му се викала земјата, „голема работа“ дали бил Турчин, Грк, Бугарин или Македонец, уште повеќе што ова последново, ете по сто и кусур години дознавме, било еквивалент на Грк. Важно дека така Гоце ќе бил Европјанин, а не некој немиен националист. Наместо тоа, Гоце одбрал нешто друго. Реков будала или не?
ЌОСЕТО
Гоце умрел млад. Негова десна рака бил Ќосето. Кој доживеал преку 90 години. Не многу умен, но доволно итар, доволно „џамбаз“ за да може да истера, ако сакал, убав живот, и за да не мора седум-осум децении по неговата смрт, шарлатани и пијандури да „мократ“ врз неговото име. Наместо тоа, тој имал цел, имал впишана вредност што сакал да ја достигне – неговата Македонија. И покрај се, ете живеел доволно долго за да може, таму некаде 45-тата да му пише на Колишевски и да му ја честита слободна Македонија. Како Македонец. И тоа од неговиот стан во Бугарија.
Па, така, иако и на Ќосето можете да му извадите некој дел од спомените каде пишува до некој свој Никола Малешевски за „ние Бугарите“, го имате и неговото писмо до Лазо. А на Ќосето барем не можете да му префрлите дека е вештачка творба и дека од Бугарин бил насила претворен во Македонец. Зашто кај него, камата и пиштолот не биле за играчка. Еден потег и толку – добивате билет за средба со свети Петар. Кој исто така не трпел лаги. Прашајте ги оние сопружници кои се обиделе да сокријат половина од парите кои ги ветиле за црката. Не оваа црква на нашите дебели стомаци на кои Фондот им плаќа апчиња за полесно да им се варат тоните јагнешко и за полесно да минуваат виното и вискито низ нивните крвни садови. Не, не таа црква, туку онаа на Петар.
А не знам зошто некој мисли дека Ќосето, ако сакал, не можел да се „шитне“. И потоа да се седи во истите меани со Гоце каде музиката ти свири на увце, а танчерката ти игра пред носот. Можел, ама не се шитнал. Веројатно затоа и толку го мразат. А не затоа што убивал.
ПЕЈО
До Ќосето и Гоце, би седел Пејо Јаворов. Ерменец, во исто време Бугарин. Десетина години по смртта на Гоце, ослепен, се самоубива по кој знае кој неуспешен обид, откако не можел веќе да живее без неговата Лора Каравелова. Убавица, чиј лик ви ги отворал очите, ви го сушел грлото и ви го облевал со топлина телото. Се убил зашто болката по неа му ја јадела душата, му го гризела срцето, му ги зграпчувала градите и му го превртувала желудникот, така како што тој ја виткал и ја гужвал хартијата кога во 1904-та ја пишувал првата биографија на Гоце. И пред да се самоубие, онака ослепен, успеал да напише проштално писмо:
„Кога ќе дојде среќниот ден да отидам кај неа, ден што јас го чекам со нетрпение, ги молам пријателите да наредат да бидам погребан до Лора. Над мене да се засади една дафина, а над неа еден јавор… Еден бршлен да ги сврзува двете дрвја и да биде посаден и розов храст. И поставете еден скромен камен или крст – и напишете ги нашите имиња…“.
Сте прочитале нешто потрогателно? Среќен му е денот кога ќе умре? Проклетство, каков е тој живот, каква е таа судбина? Но, сепак, каква врска има ова со Македонија и Гоце, со преговорите на двете наши комисии со тие на Грција и Бугарија? Не би имало, ако истиот тој Пејо, малку пред тоа не му пишал и на Тодор Александров:
„Драги Тодоре,
Прости ми, нека ми простат и сите други, што ја изневерувам Македонија. Јас умирам тука. Ќе легнам крај мојата мила Лора. Те прегрнувам, длабоко трогнат од грижите што ги покажа за мене во време на деновите на големите искушенија…
Кажи и на Македонија, кога ќе отидеш таму, дека нејзиниот син (јас се сметам за нејзин), ќе умре во слободна Бугарија, обременет со една тешка клевета. И кога Македонија ќе биде слободна, нека еден другар дојде на гробот и нека каже: „Поздрав од нашата мајка маченица – таа веќе е среќна!“
Молам? „Прости што ја изневерувам Македонија“? „Прости што ќе легнам крај Лора“, таа иста Лора поради која умира, а не во прегратките на македонската земја?
Хм, и овој човек бил будала, нели Северна? А бил прекрасен поет. Неговата сопруга, пак, ќерка на друг бугарски прекрасен поет. Двајцата имале или можеле да имаат пари, го имале Париз, убав стан, скапа облека, ресторани, балови, приеми… Ха, ништо од тоа. А барем и тој и Лора да имале некаква врска со Македонија. Немале! Никаква, ама баш никаква. Најмалку со Македонија на Прада, на Бетка, на Муртино, на Сидро, Македонија на Мериот, на Крсто вратарот, на бизниси, на швалерки, на снимки, на Катица, на Кацарска…, уште помалку со Македонија на влечугите од последнве 29 години за кои пишував по победата на Вардар.
Тука некаде е и Васил Чакаларов. Костурчанец, нека ми биде простено што не сум доволно Европјанин, па во овој момент не ми текнува грчкото име на Костур. Се борел, ги минал и Илинденско и Каравангелис, се смирил со себе, заминал во Софија, се оженил со Олга, ја добил Екатерина, изградил куќа, сакал да почне со градежен бизнис. Столчето во меаната до Гоце и Ќосето го чекало. „Ориент експрес“ во секое време ќе го однел до Париз кај Пејо и Лора. Екатерина таму би завршила факултет, кој знае, можеби школарината би ја платила грчката или бугарската влада. Зашто и тој е татичко, можел да се шитне во полза на Грците или Бугарите, а на ќерката на татичко не и личи да си плаќа од свој џеб и да седи во истите клупи со децата на небањатите.
Ама ете, дошле Балканските војни и Васил решил да замине. Не во Париз, туку во Македонија. Со пушка. За што? За сто години подоцна некои „бањати“ да му го плукаат споменикот во Скопје зашто бил Бугарин, за потоа одеднаш да замолкнат кога шефот на „татичко“ потпиша договор со кој навистина се согласивме дека тој е Бугарин. Будала Васил, нели? Ех, чудесна земја Северна!
ЈАНЕ
Ете го и Јане Сандански. Човекот кому своевремено македонската УДБА долги години му праќаше наводни поклоници на неговиот гроб, а бугарската ним им праќаше полиција. Демек да ги тепа. По што двете УДБИ седнуваа да се почестат со прасечко за добро завршената работа, а обичните Бугари и Македонци седнуваа да се почестат со омраза.
Јане, оној фантастичен човек кој тивко пеел и го заспивал бебето на Цилка низ пиринските беспаќа додека се криеле со мис Стон, човек за чиј татко лично Гоце пратил неколку гроша зашто Јане не сакал да земе ниту еден од тие добиени за откуп (вределе најмалку два милиони денешни долари), но и човекот кој по само шест години од таа неверојатна епизода на чесност и доблест, разочаран од смртта на Гоце, од пропаста на идејата за слободна Македонија, скаран со половина ВМРО, нарачател на убиството на Сарафов и Гарванов, прогонет и од Бугарите и од султанот, застанал рамо до рамо со Младотурците, чиј ресенски предводник, Нијази бег, ја почнал револуцијата само и само за да ја спречи автономијата на Македонија договорена од британскиот крал Едвард и рускиот цар Николај. Јане, човек кој денес би бил одличен министер, зашто според проценката на Бранислав Нушиќ во 1908 во еден солунски хотел, бил помалку интелигентен од неговиот телохранител (добро, во Тетово, па дури и во Скопје, денес лесно би добил факултетска диплома, а потоа и докторат), и човек кој кога умрел оставил завидно богатство зад себе. Веројатно вклучувајќи ги тука и парите од бањите во Банско кои онака, од око, на користење му ги дале Младотурците.
Но, чекајте, истиот тој Јане, дури и овој од втората негова фаза по 1908 година, не седел мирен. Не купил куќа во Софија, стан во Солун, не закупил апартман на Халкидики, за со Тодор Паница и сопругата која никогаш не ја имал, да уживаат. Продолжил да се бори. За својата идеја. Која и за него, таков каков што бил, не се состоела во тоа само да јаде, да пие и да лумпува. Будала Јане, нели Северна? Зашто и тогаш веројатно можело да се купи нешто на грамови и да се биде мирен. Така?
БОРИС, ЈАНКОВ, ДАМЕ, КАРЕВ, ПИТУ…
Тука се и Леонид Јанков од Манџуково, со двете деца и убавицата од целиот тој крај за сопруга, кому му се повраќало кога по Илинден 1903-та, во Софија видел како „видни дејци на Организацијата“ со народни пари седат по софиските меани со курви на колената. И кој наместо да се скраси, продолжил да се бори до Ѓавато во 1905-та. Борис Сарафов, кому и денес во архивите на ВМРО му стои дека и должи пари на Организацијата, потрошени за скапи костуми и лумпувања по париските и виенските елитни ресторани. Знаел човекот што е живот, ама знаел и што уште друго му ја влече душата.
Даме Груев, кој зад себе не оставил ни писмо до девојка, не пак некаква љубов или афера со пари, Никола Карев кому „ѓаволот“ не му давал мира за да остане во Софија и да го наплати претседателствувањето со Републиката, Питу Гули, кој пролетта 1903 година се вратил од Софија во Крушево за да се бори, тука се и…
Всушност, вака можам да редам до утре. Десетици и стотици имиња на луѓе, Македонци и Бугари кои, како што велеше мојот погоре споменат пријател, ние не можеме да ги сфатиме. Чудно, пред многу години истото ми го кажа и Румен Леонидов, внукот на Јанков. Зашто во празнината меѓу двете уши, како што реков, кога некој ќе не потчукне, почнува да ни одзвонува од бранот на звукот кој се удира од едниот до другиот ѕид, па повторно. Затоа не можеме да сфатиме дека за некои луѓе, во животот имало поголема вредност од тоа да јадат, да пијат и да „легнат“ нешто. Како што тоа го правеле оние кои Јанков ги видел во Софија. Патем, денеска на тие „софиските борци“ никој не се сеќава. А мртви се и тие, мртов е и Јанков. Чиј внук се гордее со него. Чиј внук е среќен што е негов потомок.
Е, сите тие луѓе, ние ги ставивме на маса. Ние преговараме за нив. Ние се ценкаме со нивните души, со нивната љубов, со нивните животи. Тие за нас станаа обична „спонзоруша“ за која се пазариме колку ќе не чини или колку ќе ни донесе. Зашто така ќе сме биле Европјани. Бањати. Инаку ќе сме биле „радикални националисти“. Бог да чува и да брани.
И што е најсмешно, знаете што е наградата за тоа? Потсмев, понижување, зашто и газдата кој плаќа да му завршите работа, не ги сака предавниците. Напротив. Ги презира.
Патем, токму таму некаде пред стотина години, Грците му ги однеле на школување во Атина двете деца на еден македонски предавник. Кому Гоце на два пати му ја простувал смртната казна, иако пиштолот на Ќосето веќе бил наполнет. Никој денес, сто години потоа не знае каде завршиле тие деца, откако татко им бил обесен од Турците на кои им го предале токму тие кои го платиле и му ги испратиле децата во Атина. Никој не знае ни за нивните потомци, ако воопшто ги имаат.
И повторно читам и слушам расправа за тоа дали Гоце бил Бугарин или не. Шутраци. Ние Гоце го ставивме на маса со зелена чоја. Ние преговараме за него. Ние од старт половина од Гоце изгубивме, наместо како порано, кога ние го имавме за себе и кога Бугарите го имаа за себе. Сега, од него направивме проститутка. И токму затоа Бугарите ќе го земат. Не затоа што бил Бугарин или Македонец. Не, туку затоа што вакви какви што сме, изгледа навистина немаме врска ни со него, ни со тие околу него. Кога од него ќе направите проститутка во излог, кога ќе му ги извадите оние неколку коски од саркофагот, зашто другите уште се таму некаде на брдото на кое стојат рушевините од Баница, и ќе ги ставите во употребена пелена најдена во контејнер, вие веќе сте се откажале од него.
И, тоа можеби не е ни чудно, ни трагично. Комично е. Откажувањето од тоа во што до вчера сте се колнеле е наш национален спорт кој подобро го играме дури и од ракометот. Ама комедијата станува грандиозна ако не сте свесни дека со тоа сте се откажале и од себе. Зашто Гоце живеел и умрел во своето време. Ама создал вредности. Не за Бугарите. Вредности без кои не сме луѓе, туку мивки. Европски, ама мивки. Па сега, кој е будала во таа приказна, оној великан од Кукуш и Баница или онаа мизерија која се откажала од сонот за да седи во меана со Јане, Васил… и сите други, навистина не знам.
Всушност, јас знам, ама ајде, останете ми со здравје, одам на по некое узо. Со еден Грк од Килкис кој за мене е од Кукуш. Зашто и тој секако знае кој е будала во приказната. Грк е, и човекот си се цени себе. А со тоа, ги цени и другите како него.
ИСУС
Но, ете, нека биде така. нека биде „Живот“. Европски. А не, Гоце па Гоце, мака ми е веќе од него. Ама се нешто си мислам, ете пак глупав гледам во историјата, ама многу поназад од 1903-та, што му требала онаа работа со крстот на Исус? Оти Гоце е наш, всушност не е наш, туку е на Бугарите, а заедно со нас историските Бугари, сегашни Северни, не не има повеќе од осум милиони, ама христијани има две милијарди. Што значи, работата со Исус е посериозна отколку со Гоце.
А тој пак, си ја имал Марија Магдалена, можел да ја има било која друга, впрочем тоа време и не е така чедно, башка можел од вода самиот да си направи вино, од еден леб – десетина, од риба – да наполни кошница. Печени? Е тоа не знам, да не претерувам. Ама, седнуваш во кафеана, нарачуваш вода, вадиш од торбата малку леб и остаток од риба – и ете ти. Имаш полна трпеза. Згора на тоа, тука му бил и Павле, па ако сакал да оди на плажа на Халкидики, ќе го однел во Филипи кај Кавала. Сега, тоа е некако на крајот од Халкидики, не ќе можел после да се фали на кој „крак“ бил, ама плажите и морето не се лоши и таму. Напротив.
И наместо тоа, наместо да се испазари со Пилат, па да стане Римјанин, односно Европјанин, од плажите на Кавала да замине и во Рим, центарот на тогашниот свет, тогашниот Брисел, Вашингтон, Париз, Москва, Лондон и Пекинг на едно место, заедно со својата моќ да прави чуда, да лечи, што му гарантирало долго, долго уживање во животот, тој го одбрал крстот.

Е ај сега, по нашки, односно за Северна и тој е небањат будала, нели? Ама добро, гледате како „Животот“ е од полза не само за нас, туку и за целиот свет, расчистувајќи им ги дилемите на милијарди луѓе?

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Колумна

Ми се смачи веќе, кога ќе го читам името Никола Груевски со неговите статуси. Се до оној момент додека не го прифати таканаречениот "пржински договор" со кој доброволно се откажа од власта , ставав рака во оган за обој човек, бидејќи мислев дека е вистински патриот и заштитник на својот народ.

Груевски и Мијалков се виновниците поради кои денес лежат во затвор невини луѓе

Грешките кои ги направи Груевски кога не го притвори Зоран Заев и веднаш не го избрка...

Значи од 16 Министерства дури на 9 ( девет) се Албанци што произлегува дека од 25% ( доколку гласале сите гласачи ид 25% Албанци во Македонија) тие партипицираат дури со 60% или 220% повеќе од тоа што би било природно (25%) што е и договорено со таканаречениот Рамковен Договор.

Албанци декларирајте се како Македонци во Македонија

На фудбалските натпревари Македонија со Албанија да навивате за Македонија. Да ги...

Според последните статистики од 30 Април 2022 , Долгот на американската влада се зголеми за приближно 1,2 трилиони американски долари на годишно ниво на проценет вкупно околу 30,50 трилиони долари во 2021 година. За 2022 година, националниот долг на САД се предвидува да биде околу 31,83 трилиони американски долари.

Америка најзадолжената земја во светот, сеуште глуми супер нација со демократски вредности

Америка најзадолжената земја во светот сеуште глуми супер нација со демократски вредности. Американскиот...