Заев сака лидерска, Мицкоски бара прво да објави дека Преспанскиот договор е мртов, по што на маса може да се разговара само за услови за фер и демократски предвремени избори

Објавил: Мирко Бачиќ | 18 октомври, 2018 12:07

Ќе има ли лидерска средба меѓу Заев и Мицкоски?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Виси во воздух лидерската средба меѓу Заев и Мицкоски, сега кога картите се отворени, извесно е дека прво ќе пропадне гласањето на уставните измени, по што ќе се отвори можност за политички преговори за предвремени избори.

Засега како да не се слушаат повиците на дел од пратениците, двајцата лидери да седнат на заедничка маса и да најдат решение за уставните измени.

Извори од опозицијата велат дека до сега во партиското седиште не стигнала официјална покана за средба меѓу Заев и Мицкоски.

Премиерот изрази подготвеност за средба со неговиот најголем политички опонент, но таква изјава се уште не може да се слушне од Мицкоски.

Подготвен сум да седнам со сите, вклучително и со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, со секого, за да можеме да изградиме национален консензус по ова прашање. – изјави премиерот Заев.

Во интервју за Дојче Веле, шефот на опозицијата вели дека со премиерот може да констатираат само дека договорот со Грција е мртов, и како што вели секое понатамошно силување на овој процес ќе резултира со дополнителни тензии и поларизација во општеството.

Владата е таа што го режираше, спроведе и урниса процесот. Затоа, единствен кој треба да понесе одговорност е Зоран Заев. Влезе авантуристички, самобендисано, надмено, без да подготви амбиент, прифати нешто што на никого претходно не му паднало на памет да прифати, и огромното мнозинство граѓани во двете земји си го кажаа своето мислење. Во Македонија имаме катастрофален референдум, а во соседна Грција имаме над 70% од граѓаните кои не го прифаќаат Договорот. – вели Мицкоски.

Потврда за тоа дека во овие моменти потребно е да се изгради национален консензус во кој ќе биде вклучена и опозицијата, пристигна и од владата од каде велат дека работата е премногу сериозна.

Премиерот Заев е трет ден во Собранието. Сите пораки се кристално и јасно искажани од собраниската говорница. Потребно е да се изгради национален консензус бидејќи како што вели и премиерот пресериозна е работата. Амандманите ќе ги прави Владата и најдобро е да се подготват заедно со опозицијата односно да се постигне национален консензус во духот на Договорот од Преспа. – изјави Бошњаковски.

Бошњаковски го коментираше и писмото испратено од помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Вес Мичел, до ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека писмото јасно и недвосмислено го детектира проблемот, но не го коментираше одговорот од Мицкоски до Мичел.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.