ДУИ и СДСМ се лицето и опачината на една иста паричка. Ковачевски на тацна му ја подари Македонија на главниот стопан Ахмети.
100 души од ДУИ управуваат со два милиони народ. Тие одлучуваат за тендерите, за тоа кој да се вработи, кој каква работа да добие. 20 години се силно навлезени во институциите кои ги криминализираат до највисока мера, кажа претседателот Христијан Мицкоски во својот говор на вечерашниот митинг во Кочани.
Претседателот рече дека Ахмети објаснил пред целата јавност кој е неговиот план за Македонија. И како што кажа, тој се објаснува во три едноставни зборови – КАКО ДО СЕГА…. А, што значи како до сега? Запраша претседателот и потенцира:
– Тоа значи Артан Груби да продолжи со тендери и матни зделки. Бујар Османи да продолжи да ги распродава интересите на Македонија, нови Соравии кои ќе се купуваат, нови изведувачи на автопатишта кои ќе добијат милиони, а нема да фрлат ниту лопата. Како до сега значи и дека ќе продолжат да си играат фудбалчиња во државни институции и функционери на ДУИ да шамараат контролори за летање.
Тој подвлече дека стратегијата како до сега, е патентот за криминалот на ДУИ кој го поддржува и изведува СДСМ. Таа партија од некогаш голема структура се сведе на слуга на желбите на ДУИ кои е јасно дека иако дојдоа со конфликт на власт овие избори се неповторлива можност да си заминат со пенкало и со силната волја на народот.
Мицкоски: Пендаровски вели осудувал криминал, тогаш јавно да го прашам дали мисли дека Ахмети и Груби се чесни и кога точно осудил криминал?
Овие избори се и можност народот да каже што мисли за Стево Пендаровски. Човекот е без свое јас. Вчера го слушам ја продолжува онаа традиција на играта наречена момент на вистината, каде сите пробуваат да се избават од колективниот грабеж кој и го направија на државата, па Стево вели дека ете и тој осудувал криминал кој го правеле поедници, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ при своето обраќање на митингот во Кочани во рамките на претседателската кампања.
Мицкоски испрати јавни прашања до Стево Пендаровски, кој вели дека осудувал криминал, па на следен митинг пред десетина присутни, колку што го поддржуваат, да каже дали за него Али Ахмети и Артан Груби се чесни луѓе или криминалци.
„Еве јавно од Кочани да прашам Пендаровски, кого тој јавно го осуди за сторен криминал? Еве и едно второ прашање, Стево, дали Стево за тебе Али Ахмети и Артан Груби се криминалци? И едно трето потпрашање, те молам немој да се вадиш со онаа, се додека некој не е осуден тој е невин пред законите. Еве одговори конкретно и јасно на следното место каде што ќе се обраќаш пред десетина луѓе, дали за тебе Али Ахмети и Артан Груби се криминалци“, прашува Мицкоски.
Мицкоски додава дека вистината е дека тој сега се моли за поддршката од ДУИ и затоа уште калкулира и не кажува што ќе прави и како ќе прави во оваа кампања.
Мицкоски ги повика присутните, но и сите македонски граѓани на изборите на 24 април масовно да излезат на гласање и да ја дадат нивната поддршка за професорката Гордана Силјановска Давкова, затоа што таа е решението за достоинствен претседател на Македонија.
„Професорката Гордана Силјановска Давкова е решението за претседател на Македонија. Жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија. Која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него“, истакна Мицкоски.
Ковачки: СДС и ДУИ 7 години ги пљачкаат и понижуваат граѓаните, време е државата да ја вратиме кај народот, глас за ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска Давкова е глас за промена и горда Македонија
Ова е почеток на крајот, крај на сите погрешни политики на Димитар Ковачевски, Зоран Заев и Стево Пендаровски. Почнуваме заедно, сплотени да им ставиме крај на неспособноста, на криминалот, распродажбата на Македонија и осиромашувањето на народот. Крај на предавствата кои ни ги приредуваа 7 години, изјави носителот на третата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, Драган Ковачки на митингот во Кочани.
Ковачки истакна дека ова го чекавме 7 години и сега е моментот да ја завршиме нашата работа и обврска и да си ја вратиме изгубената држава назад во рацете на граѓаните.
– Криминални скандали и афери, милионски тендери и распродажба на државните интереси, наведнување глава и прифаќање на ултиматуми штетни за овој народ и за Македонија. Време е да се стави крај на ваквото понижување и дивеење на ДУИ со Република Македонија. Порази, неправди, понижени, омаловажени, мрак, беда, сиромаштија, хаос, партизирани институции, девалвиран систем, непотизам, нерасчистени убиства, мафијашки пресметки, исплашени и небезбедни граѓани, крах на економијата, корумпирано здравство, уништено образование, тоа е сликата за денешна Македонија, рече Ковачки.
Ковачки потенцира дека граѓаните денеска после 7 години од СДС и, Заев и Ковачевски, живеат полошо од било кога, потонати во сиромаштија, а на сметка на тоа имаме функционери кои го окрупнуваат сопственото богатство.
Затоа тој нагласи дека им доаѓа крајот, но за тоа е потребна победа на 14 април за Силјановска Давкова, а потоа верификација на победата на 8 мај и победа на ВМРО-ДПМНЕ.
Нагласи дека победата на ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска Давквоа е важна затоа што СДС и ДУИ, 7 години ја понижуваат Македонија и македонскиот граѓанин
– 7 години ја пљачкате државата, 7 години ги распродавате националните и државни интереси на Македонија. Епа, доста е, време е за промени, за подобро утре за граѓаните на Македонија. Пендаровски беше аналитичар, а граѓаните ги навредуваше и свесно го продаде македонизмот со изјавата дека Гоце Делчев е Бугарин, тотално неодговорен, рече Ковачки.
Ковачки истакна дека потребен е рестарт на системот и затоа мораме да победиме, убедливо.
Секој глас за ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска Давкова е глас за горда Македонија, твоја Македонија, за сплотена и обединета, за исправена Македонија. Секој глас за ВМРО-ДПМНЕ е глас за промена, изјави Ковачки.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.