Професор Цуцулоски со исправна интерпретација го честиташе празникот, 11-ти Октомври, кога македонскиот народ се крена против бугарската, германската и италијанската окупација

Објавил: Мирко Бачиќ | 12 октомври, 2018 9:17

11-ти Октомври е денот кога македонскиот народ се крена против бугарската, германската и италијанската окупација

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Професорот при Филосовскиот факултет во Скопје, Љубомир Цуцуловски со остра реторика прашува дали воопшто постои нација во светот која би се согласила окупаторот да и ја корегира историјата?

Имено Цуцуловски во својата честитка – констатација по повод Денот на народнот востание се огласи на социјалните мрежи.

Професорот Љубомир за таа прилика напиша:

На денешен ден (1941) започна Народно ослободителната војна (НОВ) во Македонија. Меѓутоа, не се “знае”, т.е. не се спомнува (ни за жива глава) против чија окупација се крена македонскиот народ, ниту врз чиј участок бил нападот, зашто (можеби!) некој ќе се почувствува погоден, па ќе се подналути/навреди и, на тој начин, ќе се наруши постулираната идила за добрососедските односи, која на необичен начин се вгнезди во нечии глави, кои изумуваат дека не може да се има добрососедски односи, се додека нечии гревови не се признаат за тоа што се – за гревови кон македонскиот народ.

Значи, се работи за самоисповед на секоја од соседните држави, која извршила окупација врз оваа сегашна државна територија и која и понатаму, сеедно на фактите, не го признава постоењето на македонската нација.

За разлика од молчаливоста/срамежливоста на македонските власти и некои интелектуалци, во Велика Британија, Франција, САД отворено се говори за нивната борба во Втората светска војна. Ниту еден Американец, како и неговата држава САД, немаат намера да го заборават јапонскиот напад врз Перл Харбор, ниту борбите што ги војувале по Пацифистичките острови, како што е островот Иво Џима.

Од тој комплекс не страдаат ниту Британците, ниту Французите. Доволно е да се погледа британскиот филм “The Guernsey Literary and Potato Peel Pie Society” (2018) или францускиот филм “Sarah’s Key/Elle s’appelait Sarah” (2010). Во нив нема стеснувањање/воздржување да се спомне фашизмот со име и презиме, односно со конкретен државен/национален предзнак.

Единствено Македонија била окупирана и се борела против некаков апстрактен фашизам – вонвременски и надвор од која била државна припадност.

Нека е честит 11-ти Октомври, кога македонскиот народ се крена против бугарската, германската и италијанската окупација. – пишува проф. Љубомир Цуцуловски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.