Концертите на Тејлор Свифт во Виена се откажани откако полицијата спречила осуетен терористички заговор поврзан со Исламска држава. Свифт требаше да одржи 3 концерти во Австрија како дел од европската етапа на нејзината светска турнеја.
Турнејата на поп-ѕвездата Тејлор Свифт во Виена е откажана откако беше откриен планот за напад на арената каде што требаше да се одржат концертите.
Полицијата уапси две лица – на возраст од 17 и 19 години – осомничени за наводно планирање на нападот.
Во куќата на уапсениот 19-годишник, по потекло од Македонија, пронајдена е хемиска супстанца, за која генералниот директор за јавна безбедност на Австрија, Франк Руф, вели дека е најверојатното средство со кое планирал да го изврши нападот. , пренесува Ројтерс.
„Се разбира, ние ја истражуваме и пошироката средина“, рече Руф, нагласувајќи дека заканата од напад е минимизирана со овие апсења.
Што открила полицијата во куќата на осомничениот?
Дел од медиумите повикувајќи се на извори блиски до истрагата пренесуваат дека осомниченото лице украло хемикалии од неговото работно место од кои изработил бомба.
Според нивното пишување, 19-годишникот планирал да се забие со својот автомобил во толпата која требало да се собере пред стадионот за концертот, а наводно размислувал да употреби мачети и ножеви.
Меѓувреме шеесет домаќинства се евакуирани поради претрес на просторот околу куќата на осомничениот.
Осомничените тинејџери биле радикализирани на интернет, соопшти полицијата, истакнувајќи дека 19-годишникот му ветил верност на новиот лидер на Исламската држава минатиот месец.
Полицијата укажа и на улогата што ја одиграа социјалните мрежи во процесот, како и во планирањето на нападот.
„Комуникацијата со сторителите обично се одвива во шифрирана форма“, со цел да се сокријат разговорите од рутински антитерористички надзор, рече Руф пред новинарите.
Во последниве месеци, бројот на случаи кога онлајн разговорите меѓу младите се претвораат во реални акциони планирања стана алармантен.
Студијата спроведена од експертот за тероризам Питер Њуман, пренесена од Си-Ен-Ен, покажа дека тинејџерите сочинуваат речиси две третини од уапсените во Европа во последните девет месеци, во ситуации поврзани со Исламската држава.
Студијата која разгледа 27 напади и спречени терористички заговори поврзани со ИСИС од октомври минатата година, покажа дека од 58-те осомничени, 38 биле на возраст од 13 до 19 години.
Европските безбедносни претставници за Си-Ен-Ен ги потврдија повеќето податоци, кои Њуман ги презентираше како професор по безбедносни студии на Кралскиот колеџ во Лондон.
Според податоците на Европол, бројот на напади и планирани напади е четирикратно зголемен од 2022 година, а Њујман посочува уште еден случај во Австрија, кога 14-годишно девојче од Црна Гора беше уапсено во Грац во мај оваа година, откако купила нож и секира и наводно планирала напад.
На нејзиниот компјутер подоцна биле пронајдени материјали поврзани со Исламската држава.
Карл Нехамер: Избегната е голема трагедија
Австрискиот канцелар Карл Нехамер го призна „горкото разочарување“ што откажаните концерти ќе им го донесат на обожавателите на Свифт, но додаде дека „ситуацијата околу очигледно планираниот терористички напад во Виена е многу сериозна“. Нехамер рече дека „заканата е рано препознаена и избегната е трагедија“.
„Со потврда од владините претставници за планираниот терористички напад на стадионот Ернст Хапел, немаме друг избор освен да ги откажеме трите закажани концерти за сечија безбедност“, се вели во соопштението на Баракуда мјузик на Инстаграм.
Ќе бидат вратени парите за концертите
Баракуда додаде дека на сите сопственици на билети ќе им бидат вратени парите. Во известувањето на официјалната веб-страница на Свифт се вели дека рефундирањето ќе биде издадено „во следните 10 работни дена“.
Стадионот Ернст Хапел има над 50.000 седишта. Виена беше претпоследната станица на европската турнеја на Свифт. Следната недела таа ќе одржи концерт на стадионот Вембли во Лондон, по што ќе отпатува за Канада.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.