Пишуваат Македонски БРАНИТЕЛИ

Објавил: Перо Милчин | 28 април, 2021 9:03

20 ГОДИНИ ОД МАСАКРОТ КАЈ ВЕЈЦЕ: “СИТЕ ЌЕ ИЗГИНЕМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!“

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

20 ГОДИНИ ОД МАСАКРОТ КАЈ ВЕЈЦЕ: “СИТЕ ЌЕ ИЗГИНЕМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!“

Пишуваат Македонски БРАНИТЕЛИ

На 28 април 2001 година, попладнето во 17:45 часот на кривината Црвен камен во месноста Бреза, на средина од планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, се случи најгрозоморниот и најкрвавиот настан во Македонија во војната 2001 година и во поновата историја на Македонија.

Од припадници на терористичката и паравоената формација ОНА, од заседа беа пресретнати, нападнати, убиени и на крај ѕверски масакрирани осум, а ранети тројца припадници на Вооружените сили на Македонија.

Крвав настан, меѓу ретките со ваква жестокост и злоба, извршен и забележан во вековната борба за слобода и државност на Македонскиот народ во Македонија. Вкупниот крвав пир е осум загинати и тројца ранети припадници на Вооружените сили на Македонија.

По вооружениот напад терористите се симнале на патот, при што почнало дивеењето и крвавиот пир врз тешко ранетите и онеспособени за давање на отпор припадници на Вооружените сили на Македонија. Откако со истрели од близина се усмртени тешко ранетите, но сеуште живи припадници на Вооружените сили на Македонија, терористите го започнале масакрирањето на нивните тела со брутално кршење на черепите со кундаците од пушките и со бодење на веќе мртвите тела на македонските бранители со длабоки убоди предизвикани со вртење од таканаречен “кинески” нож.

На крај тројца полицајци, се уште живи биле запалени и целосно изгорени.

Постојат многу сомнежи дека патролата била предадена од полициски началници… За време на кусата борба, преку мобилниот телефон подоцна масакрираниот Илче Стојановски се јавил на двапати кај неговиот претпоставен во базата во Тетово и му пренел дека се нападнати, дека има ранети и загинати и бара да им се испрати итна помош, која за жал не ја добиле. Откако се случија ден претходно чудни измени во патролата, како и бавната реакција на помош, бранителите непосредно пред нивната маченичка смрт биле свесни дека се работи за предавство.

Во тие куси мигови на одлука и размислување, на нишан од терористите и соочен со смртта, Илче Стојановски во последен здив уште еднаш се јавува, за очајнички и безпомошно да каже: “Нема потреба повеќе да ни доаѓате во помош, сите ќе изгинеме за Македонија…“ И радиостаницата замолкнала…

Остана дилемата, дали е случајно или испланирано, од 16 припадници од патролата на Вооружените сили на Македонија, во масакрот кај Вејце осум да загинатат и осум живи да останат…

За загубите на припадниците на ОНА, доколку ги имало, до денес македонската јавност ништо не знае…

Освен неуспешниот судски обид на родителите на загинатите, никој не се обиде, иако и по службена должност некои беа обврзани, да ја расветлат вистината за масакрот кај Вејце.

За време на воениот конфликт во 2001 година, во непосредна близина на селото Вејце загинаа осум припадници на безбедносните сили од Скопје, Куманово, Македонска Каменица и битолчаните Марјан Божиновски, Кире Костадиновски, Бошко Најдовски и Илче Стојановски.

Густа пајажина од спротивставени гласини и несинхронизирани изјави се плете до денес, без некој да ја каже вистината за масакрот. Но, сепак една е вистината за Вејце, која ја знаат и двете страни, прашање е кога ќе биде соопштена на македонската јавност. Дотогаш, за масакрот кај Вејце многумина довека мир во душата нема да имаат, а совеста ќе ги пече и прогонува.

Бидејќи речиси сите загинати во Вејце се масакрирани со тврди предмети и ножеви, уште додека биле живи а ранети, потоа и живи запалени, сето тоа се коси со Женевската конвенција и другите норми на војување, со што настанот е доволен доказ дека извршителите и нарачателите требаa да бидат изведени пред домашните судови, а потоа и пред меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Сите докази и материјали, во форма на дигитален запис, биле испратени до Меѓународниот суд за воени злосторства. Меѓу петте оформени Хашки предмети за воени злосторства направени во 2001 година во Македонија, е и досието за Водството на ОНА во кое е опфатен и Mасакрот кај Вејце. Судот во Хаг го процесуираше само случајот Љуботен, а станатите четири – Мавровски работници, Липковска брана, Непроштено и Водство на ОНА, Трибуналот ги врати во Македонија, за да се процесуираат и судски завршат во Македонија.

Собранието на Република Македонија со гласење на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на 24 јули 2011 година, со 62 гласа “за” го усвоија автентичното толкување на Законот за амнестија, со што хашките случаеви, а со тоа и Масакрот кај Вејце беа затворени. Меѓутоа, меѓународното право и практика не познаваат амнестија на воени злосторства, тие не застаруваат и врз нив има универзална јурисдикција. Државата може секогаш овие воени злосторства повторно да ги активира и процесуира.

Семејствата на масакрираните бранители, многу тешко и болно ја прифатија одлуката на нашите пратеници, но нема да дозволат крвавиот настан да избледи, да се ревидира, или да остане незабележан во историјата на Македонскиот народ. Масакрот во Вејце не може, ниту да се заборави, ниту да се прости.

Вечна им слава и памјат на хероите од Вејце: Роберт Петковски († 27) од скопско Бунарџик, Игор Костески († 26) од Кисела Вода, Миле Јаневски († 30) од Македонска Каменица, Бобан Трајковски († 28) од Куманово, Марјан Божиновски († 27) од битолско Горно Оризари, Илче Стојановски († 24) од битолско Породин, Бошко Најдовски († 25) од битолско Долно Оризари, и Кире Костадиновски († 24) од битолско Горно Оризари. Царство небесно каде почиваат душите на праведниците…

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Настани