Како што соопштија од МЗ, директорот на штипската болница Ален Георгијев побарал да се изготви комплетен извештај за начинот на третман на пациентот.

Објавил: Едмонд Бекири | 25 август, 2022 18:47

25-годишен пациент почина од сепса, вонреден инспекциски надзор во болницата во Штип

Фото/Текст извор: ©с.печат/магазин.мк

Државниот санитарен и здравствен инспекторат во моментов спроведува вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Штип за 25-годишниот пациент кој починал од сепса, информираат од Министерството за здравство!

Како што соопштија од МЗ, директорот на штипската болница Ален Георгијев побарал да се изготви комплетен извештај за начинот на третман на пациентот.

Роднини на починатиот пациент Ј.Д. (25) од Берово на социјалните мрежи информираа дека тој починал откако добил сепса по дренирање заб во штипската болница.

„Само во нашата држава, само со нашето здравство, само со нашите „професионални“ доктори во штипската болница може да се случи ова. Со 20-годишен стаж да направиш интервенција на заб и да ставиш еден обичен дрен наопаку, па да предизвикаш сепса и пациентот да го пратиш дома со што предизвика животот на Ванчо да згасне на само 25 години… СРАМ ЗА ЦЕЛА ДРЖАВА! Каде живееме ние, какво здравство имаме, дали веќе еден ден некој ќе одговара за секојдневниот хорор во таа штипска болница. Колку животи згаснаа само поради невнимание? До кога нашиот народ ќе се лекува само со „како е рекол Бог“? Дали во 21 век треба да се случи таков срам? Ангелу наш, ти почивај во мир. А тие нема да спијат мирно…“, стои во објавата на Слаџана Ризинска, блиска на починатиот пациент.

Фото: Скриншот, Фејсбук

Смртта на пациентот ја потврдија и од штипската болница. По завршениот вонреден инспекциски надзор, Министерството за здравство информира дека јавноста ќе биде поконкретно информирана.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.