Првиот случај со тромбоцитна реакција на вакцината на „АстраЗенека“ е регистриран кај 28-годишна девојка, потврди министерот за здравство, Венко Филипче.
Прв случај на тромбоцитна реакција е регистриран во Македонија, кај 28-годишна девојка којашто е хоспитализирана, откако деновиве во Србија ја примила вакцината „АстраЗенека“.
Девојката добила реакција седум дена по примањето на вакцината. Според лекарите, таа претходно немала други хронични заболувања. Девојката е хоспитализирана, во добра здравствена состојба и не е критична, тврдат надлежните, кои смируваат дека нема место за паника.
Веста за овој случај се прошири во исто време со официјалниот почеток на имунизацијата на населението со вакцините на „АстраЗенека“. По препорака на министерот за здравство, Венко Филипче, оваа вакцина ќе ја примат само лицата над 60 години, додека за останатите ќе се чекаат препораки од Канада иГерманија, кои први прекинаа со вакцинацијата на оваа популација, како и од Европската агенција за лекови (ЕМА).
„Не треба да се создава паника, само треба да се следат препораките. Од Германија дојде препораката дека за лицата под 60 години е потребна претходна консултација од лекар пред да се прими вакцината“, вели Филипче додава: „Ќе чекаме дефинтивна потврда од Европската агенција за лекови (ЕМА) и ќе одиме полека. Денеска ќе имаме состаноци со Комисијата за безбедност во Агенцијата за лекови. Иако се ретки овие тромботични реакции, мораме да бидеме многу претпазливи“, изјави министерот. Според Филипче, тромботична реакција како резултат на вакцината „АстраЗенека“ се јавува кај помлади луѓе, но се работи за исклучително мал број. Статистички, само 1 случај на 125 000 вакцинирани до 1 на 1 милион вакцинирани појавил вакви ефекти.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.