Зголемувањето на трговијата на големо и мало за 10.6% и јавната потрошувачка од 13.3%.
Ова се главните двигатели на економскиот раст во третиот квартал. Премиерот Мицкоски објави дека по консолидирањето на буџетот, економијата тргнала напред и бил остварен раст од 3%. Од економскиот институт Фајненс Тинк анализираат дека забрзувањето на активностите е водено од благото забрзување на приватната потрошувачка од 1.9%, но и државните трошења од јули до септември. Увозот и извозот се на нула, по 5 последователни квартали или 15 месеци во негатива.
„Бруто инвестициите (0.6%), извозот (0%) и увозот (0%) стагнираат во третиот квартал, по падовите кои ги искусија низ целата 2023 и првото полугодие од 2024 година. На производната страна, растот во овој квартал е скоро во целост воден од трговијата (10.6%), како најголем сектор според номиналниот придонес кон додадената вредност, додека евидентен е падот на вториот по големина сектор, индустријата (-4.6%)“ – ИНСТИТУТ ЗА ЕКОНОМСКИ ИСТРАЖУВАЊА Finance Think
Фајненс Тинк наведува дека во третиот квартал инфлацијата се намалила на 2,6%. Дополнително биле креирани близу 7 илјади нови работни места, при што невработеноста благо се намалила на 12.3%.
„Забележливо е дека најголем дел од работните места се создадени во земјоделството и индустријата, додека растот на додадената вредност во трговијата не е проследен со нови работни места, бидејќи таму бројот на работници е намален и во однос на претходниот квартал и во однос на истиот квартал од 2023-та“ – ИНСТИТУТ ЗА ЕКОНОМСКИ ИСТРАЖУВАЊА Finance Think.
Премиерот Мицкоски е задоволен од постигнатото во услови на сложени економски и геополитички прилики и слаби перформанси во првиот квартал за време на техничката влада. Тој посочи дека остварениот раст е еден од најголемите во Европа и на Балканот. Фајненс Тинк е на иста линија со Владата која очекува позитивната динамика на економијата да продолжи до крајот на 2024 година и во првите квартали од 2025 година. Токму предлог буџетот за наредната година ќе се најде на пленарна седница во Собранието утре. Се очекува жестока дебата за државната каса која тежи 6,5 милијарди евра, а предвидува рекордно ниво на капитални инвестиции од 800 милиони евра, проекти на општините и поддршка на стопанството, повеќе пари за зголемени пензии, плати во здравството и образованието, како и редовно услогласување на платите во администрацијата.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.