Во текот на следната година ќе почне автоматското казнување на возачите во сообраќајот кои ќе бидат снимени од камерите на системот Сејф сити, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Министерот не може да прецизира точно кога ќе почне, можно е во јануари, но најверојатно подоцна, затоа што ќе треба да се направат и законски измени за да се озвозможи автоматското казнување на сторителите на прекршоците.
Целта на овој систем, категоричен е Тошковски, е да се намали трицифрениот број на жртвите во сообраќајот, а не да се собираат пари од граѓаните.
Според министерот, претходната власт на СДСМ и ДУИ не презела соодветни чекори за овој систем да се имплементира целосно до крај. Не направиле план за тоа како ќе се поставуваат камерите, а не утврдиле ниту како ќе се одвива наплатата на казните. За да се решат овие прашања, формирана и работна група.
Како и сè друго, и ова си го терале како процес „буцни прачка, пиј вино“. Така не бива. Ние сакаме навистина системски да ги решиме проблемите, но заклучно со 2024 година, нема теорија. Се надевам дека заклучно со 2025 година ќе можам да им презентирам на граѓаните систем кој што функционира, барем во Тетово, Скопје и во Куманово. Потоа се надевам дека ќе констатираме намален број на човечки жртви. Целата е таа, а не наплата на пари од граѓаните, вели Тошковски.
Тој додаде дека територијата на Скопје сè уште не е целосно покриена со камери.
Кога се тестирал системот, на 20 отсто од камерите биле констатирани 2.000 прекршоци.
Тошковски: Би бил пресреќен ако камерите на улиците проработат во јануари следната година
Според Тошковски, со системот ќе завршат и ургенциите за укинување на казните.
Една од придобивките на Сејф сити е тоа што нема да има повеќе јави му се на Петре, на Трајче, на министерот, на главниот инспектор, на помошникот, на градоначалничката, туку едноставно компјутер ќе е. Нема кому да е јавите. Едноставно, ќе треба да му ѕвоните на компјутерот. Од таа страна нема да ви одговорат, посочи министерот.
Министерот рече и дека се потребни одредени законски измени за воспоставување на систем којшто ќе ги казнува оние кои управуваат моторно возило спротивно на закон, исклучувајќи го човечкиот фактор за одлуката дали треба или не треба да биде казнет.
Ќе треба да се направат одредени законски измени и да се утврдат чекорите кои што ќе се преземат во иднина, за на крајот на денот имаме систем којшто ќе ги казнува сите оние кои управуваат моторно возило спротивно на закон, исклучувајќи го човечкиот фактор во одлуката дали треба или не треба казна. Се надевам дека во текот на 2025 година ќе имаме финална имплементација на овој проект, рече вчера Тошковски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.