СДСМ и ДУИ започнуваат со "информативна" кампања за Референдумот ВМРО - ДПМНЕ сеуште без став

Објавил: Мирко Бачиќ | 14 август, 2018 10:28

Владата тргнува во информативна кампања за референдумот ВМРО – ДПМНЕ се уште се консултира

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Владата денеска на седница  се очекува да донесе одлука за начинот на кој ќе ги информира граѓаните за важноста од претстојниот референдум и значењето што за иднината на земјата го има Договорот со Грција за решавање на спорот за името.

Од друга страна опозицијата се уште не излегува со став дали ќе го поддржи референдумот.

“Преку кампањата ќе се обидеме Договорот со Грција да го приближиме до сите граѓани. Апелирам до сите да видат дека сето она што беше проблематично за нашиот идентитет е целосно решено. Загарантиран е македонскиот идентитет – македонскиот јазик преведливо на сите јазици. Ова е историската вековна борба и на нашите предци.” – рече премиерот Зоран Заев по панелот посветен на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Според Заев Владата и државата имаат целосно право да ги информираат јавноста и граѓаните пред тие да ја донесат оваа историска одлука.

“Ќе се ангажираме со сите чинители со цел да го мобилизираме и информираме секој граѓанин да биде свесен дека на претстојниот референдум всушност ќе се гради иднината.” – рече Ахмети претседател на ДУ и додаде дека со таа победа всушност победуваат мирот и стабилноста.

Вицепремиерот Бујар Османи пак изјави дека референдумската кампања повеќе ќе биде информативна отколку пропагандистичка.

“Сметам дека граѓаните немаат потреба да бидат убедувани туку треба да бидат информирани за прашањата од Договорот бидејќи сметаме дека во моментот најголемиот хендикеп е всушност незнаењето на точните информации од Договорот имајќи предвид дека според анкетата само три отсто од граѓаните го прочитале договорот.” – изјави Османи.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ се без став во врска со референдумот.

Претседателот на партијата Христијан Мицкоски повтори дека со официјален став во јавноста во однос на тоа како ќе ја води референдумската кампања ВМРО – ДПМНЕ ќе излезе тогаш кога ќе завршат консултациите во рамки на партиските тела и тоа некаде околу 10-ти септември.

“Во моментот трае акцијата на ВМРО – ДПМНЕ “Лето за Македонија” континуирано сме на терен меѓу граѓаните разговараме со стотици граѓани на дневна основа ги консултираме и партиските тела во периодот што следува ќе имаме состанок на извршниот и на централниот  комитет на партијата и во вакви значајни историски моменти за Македонија е неопходна е темелна и исцрпна дебата во општетвото.” – рече Мицкоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.