Во трка за потврда на двотретинското мнозинство можни се нови превирања во опозицијата

Објавил: Узунов Бобан | 8 јануари, 2019 9:17

ВМРО-ДПМНЕ ќе исклучува и други пратеници ?!

Фото/Текст извор: ©магазин

Најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот на партијата донесен од страна на Централниот комитет на 19 октомври дека ќе исклучува и други пратеници ако ги поддржат уставните измени закажани на собраниска седница на 9 јануари. 

Овие информации проструија откако се појавија шпекулации дека и други пратеници кои се блиску до Сашо Мијалков и Никола Тодоров биле подготвени да ги поддржат уставните измени за промена на името. Според наши извори тоа било дел од пакетот на договор со власта за пуштање на Мијалков и другите поранешни функционери од притвор пред Нова Година. Од пратениците кои беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ извесно е дека Панчо Минов, пратеник од ГРОМ ќе ги поддржи уставните измени.  

На денешниот состанок на работната група составена од претставник од Кабинетот на претседателот на Владата, како овластен предлагач на уставните амандмани и на уставниот закон и претставници од раководството и пратениците од Беса, треба да бидат разгледани детално предлозите и да се дефинираат конечните позиции. 

Можноста за исклучување на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставните измени на 9 јануари ја најави и Александар Николоски на неодамнешното интервју за ТВ Алфа.

Инаку, ова е втора средба со претставници на Беса по онаа во петокот на претседателот на опозициската партија, Билал Касами со премиерот Зоран Заев. Единствено лидерите на албанските опозициски партии Беса и Алијанса за Албанците поднесоа амандмани на уставните амандмани во предвидениот законски рок, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во измените. 

Инаку Зијадин Села лидерот на Алијанса за Албанците денеска ќе има средба со шефот на Канцеларијата на НАТО за врски со Македонија Зоран Јанковиќ.

Ова може да се толкува како маневар на БЕСА и Алијанса на Албанците за подигнување на нивната репутација во очите на албанскиот електорат инаку никој не верува дека Села и Касами може да го блокираат процесот на уставни измени.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.