Св. Наум бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи.

Објавил: admin@magazin | 5 јануари, 2019 9:11

Денеска е Св.Наум – чудотворец, исцелител и просветител на македонскиот народ

Фото/Текст извор: ©онлине / магазин

Денеска е Св. Наум Охридски, монах и презвитер, исцелител и просветител на македонскиот народ.

Св. Наум потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, тој заминал во Првото бугарско царство, каде го поминал остатокот од својот живот. Првично тој живеел во престолнината Велики Преслав, каде се приклучил во работата на Преславската книжевна школа. Подоцна Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на св. Климент во работата на Охридската книжевна школа.

Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. 

Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен од бугарскиот цар Борис I за словенски епископ во Дрембица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на свети Архангел Михаил. Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство. 

Набрзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија и Грција.
Во посланието на охридскиот архиепископ Јосиф од 21 мај 1740 година се вели дека „чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“. Сепак, првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19 век.

Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј. Со последниве тој беше заедно во нивната мисија во Моравија.Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ. Потоа тој основа манастир на Охридско езеро, денешниот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот.

Во 1925 година, српскиот епископ во Охрид, владиката Николај, издал книшка со триесет чуда, преданија и кажувања за св. Наум, пишувајќи дека „Св. Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето“. Во една легенда се вели дека охридскиот цар му го изградил манастирот на св. Наум, додека во друга легенда, запишана од Бранислав Нушиќ, се вели дека манастирот бил царски дворец кој св. Наум го добил како подарок за излекувањето на царската ќерка.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.