Откако Кировски им забрани на вработените на Телма да "имаат сопствен став и мислење", тој прв го прекрши правилото, и ги навредуваше и исмеваше на социјалните мрежи

Објавил: Мирко Бачиќ | 18 октомври, 2018 9:03

ЗНМ, ССНМ и МАН со осуда за забраната на Телма за коментирање на интернет

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

По официјалната потврда за забраната за личен став и постови на социјалните мрежи од директорот на Телма, Атанас Кировски, се огласија и новинарските организации.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), и Македонската асоцијација на новинари (МАН), во одделни соопштенија до јавноста ја осудија забраната на телевизија Телма, со која на новинарите од телевизијата им забранува да објавуваат било какви коментари, мислења и анализи на социјалните мрежи.

ЗНМ остро ја осудува практиката на Атанас Кировски, директор и главен и одговорен уредник на Телма, кој на новинарите од телевизијата им забранува да објавуваат било какви коментари, мислења и анализи на социјалните мрежи и им се заканува со казни ако не ја почитуваат ваквата наредба. – наведува Здружението.

Според ЗНМ, општо и арбитрарно забранување на секакви коментари и мислења на новинари во социјални мрежи повикувајќи се на почитување на наводна неутралност од политичките процеси, претставува најбрутално кршење на слободата на говорот, кое е загарантирано со македонското и меѓународното право.

Здружението наведува оти „забраната е еклатантен пример на цензура на интернет, што има за цел да поттикне самоцензура кај новинарите на Телма за да го прилагодат нивното известување согласно вкусот на главниот и одговорен уредник Кировски“.

Во светот има практики каде новинарите се повикуваат да се воздржат да коментираат за политичките процеси на социјалните мрежи со цел да се сочува угледот на медиумот и тоа претежно се применува во јавните радиодифузни сервиси. – додава ЗНМ.

Меѓутоа, како што посочува ЗНМ, таквото ограничување е предвидено во внатрешните етички кодекси на медиумот, кои се јавно објавени и каде јасно се прецизира за кои новинари се однесува и во кои ситуации можат да се применат ограничувањата.

Самиот факт дека забрана за коментирање на социјални мрежи не го опфаќа и самиот директор и главен и одговорен уредник на Телма, покажува да практиката не е формализирана преку донесување на внатрешен акт, туку е своеволна одлука, која е селективна и дискриминаторска. Целта на забраната првенствено не е да се сочува угледот на телевизијата, туку да се контролира новинарската слобода. – посочува ЗНМ.

ССНМ, пак, бара од одговорниот уредник Атанас Кировски да ја повлече наредбата за забрана на изразување мислења и ставови на социјалните мрежи на новинарите вработени во редакцијата објавена на огласната табла на медиумот.

ССНМ смета дека содржината и тонот на наредбата се особено навредливи и понижувачки, не само за новинарите во ТВ Телма, туку и за имиџот на самата куќа и нејзиното раководство. Однесувањето на новинарите на социјалните мрежи не може и не смее да се ограничува, исто како што не може и не смее да има разлика меѓу нивниот професионален и приватен систем на вредности.

Со неразбирањето на ова и истакнувањето на еднонасочно срочена забрана со најава за санкции, менаџментот на ТВ Телма покажува елементарно непочитување на прашањето за општествена одговорност ,не само на новинарите, туку и на медиумите и не може поинаку да се толкува, освен како израз на своеволие што оди во насока на попречување на слободата на мислење и говор, темелни права на човекот, на што ССНМ никогаш нема да се согласи. – наведува ССНМ.

МАН наведува дека профилите на социјалните мрежи се лични профили на вработените, нивен личен медиум, а не сопственост на Телма или било кое друго правно лице или невладина организација.

Веруваме дека до тука сите се запознаени со правилата на социјалните мрежи и законите во РМ. Оттука, секој има право да објавува, доколку не се коси со законите и Уставот, односно не е ширење на говор на омраза, национална и верска нетрпеливост, лажни вести, навреда и клевета, лажни обвинувања за криминал од секаков вид. Доколку се објавуваат линкови и информации поврзани со медиумот во кој работат или друг медиум, важно е да се почитуваат правилата на саморегулација. Се останато треба да се регулира со писмен договор на двете страни. – наведува МАН во реакцијата.

МАН го потсетува одговорниот уредник на Телма Атанас Кировски дека токму тој е активен корисник на социјалните мрежи, па оттука, позитивен пример би дал доколку самиот тој прв започне да ги користи согласно неговите законски права и обврски, а не за политички проценки, кои се покажаа како целосна утка.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.