Новиот директор на владината Оперативно техничка агенција, т.е. служба за прислушување, Зоран Ангеловски, работел во Телеком во време на аферата Маѓар Телеком

Објавил: Мирко Бачиќ | 5 септември, 2018 10:39

Кој е новиот директор на ОТА?

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Зоран Ангеловски вчера беше избран за директор на новата Оперативно техничка агенција во која ќе бидат сместени свичовите за прислушување.

Неговиот избор беше едногласно усвоен на собраниската Комисија за избори и именување и останува уште да биде изгласан на пленарна седница во Собранието.

Зоран Ангеловски дипломирал на Факултетот за безбедност и самозаштита, до 1990 работел како телекомуникациски техничар во министерството за одбрама, а потоа до 1998 бил инспектор во УБК.

Од УБК, Ангеловски заминал во Агенцијата за разузнавање каде бил инспектор во одделот за тероризам.

Во 2005 година, Ангеловски го менува државниот со приватниот сектор. Тој бил вработен како директор на оддел во Телеком до 2008 година.

Сега Ангеловски ќе го раководи со реформското тело кое ќе треба да гарантира дека повеќе нема да има нелегално прислушување. Во новата ОТА ќе бидат сместени свичовите за прислушување, а луѓето вработени во агенцијата ќе бидат одговорни единствено за нивно приклучување, без да знаат кое лице се прислушува.

Вработените ќе мора да добијат писмен налог од Обвинител за да го извршат приклучувањето, а во налогот, лицето кое треба да се следи ќе биде заведено со број за да се анулира можноста вработените да дознаат кое лице е следено.

Според власта, овој модел може да гарантира дека повеќе нема нелегално да се прислучува. Граѓанските организации пак на ставот дека пристапот до мета податоците овозможува и следење. До овој момент, се уште јавноста не знае каде ќе биде сместена новата агенција која нема да биде дел од МВР, а беше една од клучните реформи во безбедносниот сектор.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.