Кога Спасовски кажува дека се прислушкувало од 2013 година, тогаш и Јовески мора да потврди, иако МВР јасно стои на ставот дека се ненадлежни за проверка на ваков вид системи

Објавил: Мартин Попоски | 2 декември, 2018 10:36

МВР побара – ЈОРМ се корегира, можно е да ги прислушкувале подолго, но не се сигурни

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Првичната изјава на Јавното Обвинителство на Република Македонија беше сосема јасна, прислушкувањето се одвивало од 30 септември 2016 година до денес, но по интервенцијата на МВР, се корегираа.

Имено со итна прес конференција реагираше МВР. 

Опремата за прислушување во Јавното обвинителство и Кривичниот суд била инсталирана во 2013 година, а МВР и властите информацијата ја добиле пролетта преку свои внатрешни извори, по што веднаш ги информирале Јавниот обвинител и претседателот на Основниот суд Скопје. – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција за новиот скандал со нелегално прислушување во овие институции.

Прашан зошто две години, колку што е на функцијата, не ги провериле институциите, Спасовски го прогласи МВР за ненадлежно, бидејќи како што рече, ЈОРМ и Судството се независна власт, а тимовите на МВР немале можност самостојно да ги проверуваат системите на институциите.

Шест месеци надлежните знаеле дека постоело прислушување на јавните обвинители и судиите, но како што рече Спасовски, сега имало доволно податоци и докази, па ја информирале јавноста.

По ова, овој пат со идентично соопштение како она на МВР повторно се огласи ЈОРМ.

Предистражната постапка е отворена веднаш по добиените сознанија дека телефонските разговори остварени преку фиксна телефонија во зградата на јавното обвинителство биле снимани. Иако пронајдените податоци со снимени разговори на двата хард диска од телефонската централа датираат од 30.09.2016 година, постојат индиции кои укажуваат дека снимањето траело од набавката и инсталирањето на опремата, односно од 2013 година. Во таа насока, се проверува и дали снимените разговори биле избришани или пренесени на друг уред. – се наведува во соопштението од ЈОРМ.

Првичните сознанија од предистражната постапка укажуваат дека снимањето се вршело на двата хард диска од телефонската централа во новиот објект во кој се сместени просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.