Шефот на германското разузнавање разрешен поради изјава во врска со нередите во Кемниц, аналитичарите потегот го коментираат како пораз за Канцеларката Ангела Меркел

Објавил: Мирко Бачиќ | 19 септември, 2018 7:47

Меркел го разреши шефот на тајната полиција за настаните во Кемниц

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

По средбата со партнерите од баварската партија ЦСУ и социјалдемократската СПД, владата објави дека Ханс Георг Масен повеќе не ја води внатрешната разузнавачка служба.

Имено по периодот на несогласувања во својата коалиција, германската канцеларка Ангела Меркел реши да го отпушти шефот на разузнавачката служба поради неговите оценки на неодамнешните десничарски протести во Кемниц.

До крајот го поддржуваше министерот, баварецот Хорст Зехофер, кој ги поздрави неговите „способности“.

Масен сега е именуван за државен секретар во министерството за внатрешни работи.

Како што пишува Би Би Си на Масен му било кажано да отстапи, а ваквата одлука на владата доаѓа како одговор на неговата рекација на неодамнешните немири на екстремната десница во Кемниц.

Станува збор за најнасилните протести на крајната десница во последните децении, кои се случија откако на 26 август во тој град беше убиен Германец, по што беа осомничени и уапсени двајца емигранти.

Тогаш шефот на разузнавачите Масен порача дека е скептичен околу медиумските извештаи за ситуацијата во Кемниц.

„Ја делам скепсата околу медиумските извештаи дека екстремисти на крајната десница бркале луѓе во Кемниц“, изјави Масен за Билд. Тој додаде дека „разузнавачка агенција нема сигурни информации дека такви прогони се случуваат“.

Неговите коментари веднаш наидоа на обвинувања од политичката елита која смета дека со нив се создава хаос околу настаните во Кемниц, познат и како Карл Маркс Штат во времето на Источна Германија, па побараа негова оставка.

Масен тврдеше дека не постојат докази дека видеоснимките кои се појавија на интернет се автентични.

„Врз основа на мојата внимателна проценка постојат добри причини да се верува дека станува збор за намерна дезинформација, можеби за да се пренасочи вниманието на јавноста од убиството во Кемниц“, додаде разузнувачот.

Синдикатот на германски новинари тогаш побара од Масен да ги повлече своите тврдења бидејќи извештаите на нивните колеги од Кемниц докажуваат дека луѓе во тој град се прогонувани и напаѓани.

Масен поднесе оставка и ќе се префрли на функцијата државен секретар во министерството за внатрешни работи, пренесува Би-Би-Си.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.