Читајќи помеѓу редови, пратениците на ВМРО - ДПМНЕ се позиционираат за клучниот настан, обидот на Заев со обезбедување поддршка од 81 пратеник да започне уставни измени

Објавил: Мартин Попоски | 20 септември, 2018 5:49

Над 20 пратеници на ВМРО – ДПМНЕ го соопштија својот став за Уставни промени

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Во текот на вчерашниот ден и доцна ноќеска скоро половина пратенички состав на ВМРО – ДПМЕ индивидуално се изјасни преку социјалните мрежи со статуси дека нема да гласаат во Собранието на Република Македонија за промена на уставното име кое е предвидено со договорот со Грција.

Дафина Стојаноска, Зоран Илиоски, Димитар Стеванџија, Ане Лашкоска, Даниела Рангелова, Никола Мичевски, Весна Дамчевска Илиевска, Нена Стаменковска, Никола Мицевски. Љилјана Затуроска, Љилјана Кузмановска, Павлинка Честојнова, Невенка Стаменковска, Трајче Димков, Васил Пишев досега јавно соопштија дека немаат добиено мандат од граѓаните да гласаат за промена на Уставното име на Република Македонија.

Ако на ова се додаде и јасно познатиот став на Антонио Милошоски дека ќе го бојкотира претстојниот референдум што значи дека се залага за непромена на Уставното име на нашата земја, како и сличниот став за бојкот на пратеникот Ванковер Манчев, бројот на пратеници се зголемува иако досега јавно, Милошоски и Манчев немаат соопштено став во врска гласањето за уставни измени кои треба да следат во Собранието по оддржување на референдумот, но правно тоа се подразбира.

На последните парламентарни избори, ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ добија мнозинство во парламентот на Република Македонија победувајќи со 51 пратеник но не успеаја да формираат Влада. После нецели две години, во Парламентот, ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ официјално останаа без 3 пратеници кои добија мандат од пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ како кандидати на Коалицијата за подобра Македонија. Од опозициските пратенички столчиња во позициските фотелји седнаа пратениците Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите и Чедомир Саздовски од Гром.

Во редовите на ВМРО – ДПМНЕ и понатаму како пратеници од коалиција се: Панчо Минов (Гром), Стојан Миланов, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ (СПМ), Зекир Рамчиловиќ (Партија на бошњаците) и Иван Стоилковиќ како претставник на српската партија во Македонија.

Од тука математиката е следна. Во моментов во Собранието на Република Македонија пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ брои 48 пратеници. Од нив 6 се од коалицијата а останатите 42 доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Скоро 20 јавно се изјаснија дека нема да гласаат за промена на Уставното името во Собранието на Република Македонија а 2 пратеници веќе подолго време се залагаат за бојкотирање на референдумот.

Остануваат преостанатите 20-тина пратеници од ВМРО – ДПМНЕ кои досега не го соопштиле својот став како и шесте пратеници од коалиционите партии да го соопштат и својот став. 

Претходно Заев најави дека кога ќе влезе Договорот од Преспа во Законодавниот дом, тој ќе ја има поддршката од парламентарното мнозинство, односно ќе добие поддршка од 81 пратеник, т.е. потребното 2/3 мнозинство што е неопходно за отпочнување на уставните измени.

Парламентарното мнозинство на Заев во моментов брои 72 пратеници од неопходните 81.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.