Стево Пендаровски во лавиринт со институциите за изјавата дека го следеле странски служби

Објавил: Узунов Бобан | 8 март, 2019 18:39

Оливер Спасовски: Пендаровски уште не пријавил дека го следат странски тајни служби

Фото/Текст извор: ©плусинфо.мк/магазин

Консензуалниот претседателски кандидат на владејачката структура Стево Пендаровски не пријавил во МВР дека го следи тајна разузнавачка служба блиска до голема опозициска партија. Од МВР  информираат дека Пендаровски до нив не пријавил и го канат претседателскиот кандидат да пријави во полиција дека е следен.

– До сега до МВР претседателскиот кандидат Стево Пендаровски нема доставено пријава за наводите што ги спомнува. Очекуваме за сознанијата што вели дека ги има, да достави соодветна пријава до полицијата –  изјавуваат од МВР.

Пендаровски прво во интервју за 1ТВ изјави дека откако било објавено дека е претседателски кандидат, го следи тајна разузнавачка служба за која се сомнева дека е блиска со една партија. 

Тоа се структури врзани со една голема опозициска партија, за која имаше во јавноста извештаи дека на дневна основа прави евиденција каде одите вие, јас… Ова денеска е трета или четврта фотографија во низа во последните 10 дена. Тврдам дека станува збор за 24-часовно физично следење на мене, веројатно и на членовите на моето семејство. Дел работат во институциите, дел ги знам по име и по лик, за жал, тоа го прават подолго време кон своите политички опоненти – тврди Пендаровски.

Тој ги повика институциите да се справат со тоа.

– Овие луѓе го правеа ова и десетина години наназад, не баш во ист број и за среќа не со истите државни ресурси кои ги имаа на времето. Но за жал, остатоците од тој режим ги гледаме и денеска, а тоа е задача за надлежните институции на оваа власт. Не само мене, не смее да дозволи вас или некој друг да ве шиканира – рече Пендаровски.

Претседателскиот кандидат ден по ова за телевизијата 21ТВ повтори дека постојано физички го следат и го фотографираат и дека тие фотографии завршувале на социјалните мрежи на непознати профили.

– Во најмалку три наврати се објавени мои фотографии од непознати профили и луѓе на социјалните мрежи, како јас се движам низ градот. Не станува збор за папараци, туку се следи сокој се дружам и со кој се среќавам. И морам да кажам дека ова навистина првпат ми се случува. Ние сме биле прислушувани во времето на Груевски, но физичко следење не сме имале, барем јас не сум видел – вели Пендаровски.

Впечатливо е дека додека МВР вчера одмолча и не одговори дали има какви било сознанија дека Пендаровски е следен, генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски вчера од Битола изјави дека МВР веднаш презело инцијатива за расчисување на случајот.

– Штом иден претседател на држава изјавува за одредени индиции и алудира на одредено следење од одредени служби блиски на опозицијата, евидентно е дека постојат. МВР веднаш презеде инцијатива тие да бидат откриени и изведени пред лицето на правдата – изјави Кирацовски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, го повика министерот за внатрешни Оливер Спасовски да каже дали Пендаровски е безбеден. Тој од Спасовски побара да каже која тајна служба го следела Пендаровски и со која политичка партија истата соработувала, за претседателскиот кандидат да не се чувствува небезбеден.

– Еве овде од Велес да го прашам Оливер Спасовски да каже дали Стево Пендаровски е безбеден или не е безбеден. Еве нека одговори да видиме дали тој е безбеден или не е безбеден. Ако е безбеден да го демантира, а ако е небезбеден да каже кој тоа Стево Пендаровски го следи, која е таа тајна служба и со која опозициона партија таа тајна служба е блиска – вели Мицкоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.