Се претпоставува дека Гампер кој не е македонски државјанин, имал и друг пасош, но и дека избегал поради се почестите политички судски процеси кои се водат во Македонија

Објавил: Мирко Бачиќ | 5 септември, 2018 11:34

Сопственикот на „Секјуриком“ без пасош избегал од Македонија?

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Сопственикот на фирмата „Секјуриком“, Волфганг Гампер, кому во март му беше одземен пасошот како осомничен за соизвршителство во местење на 11-милионскиот тендер за одржување на Владата, избегал од Македонија.

Од Основниот суд Скопје 1 потврдуваат дека Гампер не се пријавил во судот како што предвидуваат мерките на претпазливост и поради тоа му е определена мерка притвор во траење од 30 дена откако ќе биде пронајден и лишен од слобода.

„Против лицето за кое прашувате, а по предлог на надлежниот Јавен обвинител, донесено е решение со кое се укинуваат претохдоно определените мерки за претпазливост, а му се определува мерка притвор во траење од 30 дена сметано од денот на пронаоѓање или лишување од слобода, заради непочитување на претходно определените мерки за кои судот го известил надлеженото обвинителство. Со оглед да ова решение не е правосилно односно странките имаат право на жалба, до овој момент, сè уште не е издадена наредба за распишување потерница“, велат од Основниот суд Скопје 1.

На Гампер, по истрагата на Финансиската полиција во март, заедно со поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи Васе Доневски им беше поднесена кривична пријава за Злоупотреба на службената положба и овластување и за кривично дело соизвршителство. Судот на Доневски му изрече мерка притвор, додека на сопственикот на „Секјуриком“ Гампер му беше одземен пасошот, како мерка на претпазливост да не ја напушта земјава додека трае постапката.

На 16 март, директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми на прес-конференција изјави дека ексдиректорот Доневски во текот на 2015 година свесно и со однапред утврдена намера ја искористил службената положба и со пречекорување на службените овластувања, иницирал постапка за јавна набавка без електронска аукција во која фирмата „Секјуриком“ добила тендер во вредност од 11 милиони евра.

Доневски во 2015 година со цел да ја избегне обврската да побара согласност од Советот за јавни набавки испратил Известување за оглас за јавна набавка до седум економски оператори, од кои четири во сопственост на Волфганг Гампер, две кои имале соработка со „Секјуриком“ и едно кое не се јавувало на друга јавна набавка.

На огласот единствено понуда била поднесена од Друштвото за обезбедување и услуги „Секјуриком Мултисервис Интернационал“ ДОО Скопје при што не била спроведена електронска со која ќе се овозможи конкурентно наддавање и намалување на цената на услугите, со што „Секјуриком“ се стекнал со противправна имотна корист во износ од 660.834.855 денари.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.