Исчезнуваат докази од бегството на Груевски

Објавил: Узунов Бобан | 29 јануари, 2019 16:07

Снимките од бегството на Груевски се избришале

Фото/Текст извор: ©магазин

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски денеска изјави дека надлежните правосудни органи до обвинителството не ги доставиле бараните снимки од Албанија во врска со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Едно од образложенијата, според Јовевски, било дека системот за снимање не можел да ги чува сите снимки.

– Во врска со снимките, односно меѓународната првна помош која беше побарана од надлежните правосудни органи на Република Албанија, како што извести Обвинителството, две службени лица престојуваа таму, но по барањето за меѓународна правна помош не е постапено целосно, така што снимките не се обезбедени – изјави денеска Јовевски.

– Има повеќе моменти во нивното образложение. Едно е дека тие податоците се многу од безбедносните камери и дека тој систем не може подолго да ги чува – вели обвинителот Јовевски.

Причините за тоа, рече, ќе се видат во понатамошниот тек од постапката, но важно е дека во овој момент снимките што ги бараше јавниот обвинител не се доставени.

Запрашан дали тие снимки биле избришани, Јовевски само кусо рече дека тие уреди работат автоматски.

Јавноста ја покренува дилемата дали намерното или ненамерното бришење на доказите е дел од план на организирано бегство на Груевски каде е инволвирана и актуелната власт бидејќи одговорност кај никој не е утврдена. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.