Министерот за образование незаконски си се промовирал во професор на универзитет.

Објавил: Рејхан Бајрами | 7 јуни, 2019 11:27

СКАНДАЛ: Притисок врз инспекторот за образование што ги откри незаконските постапки на министерот за образование!

Фото/Текст извор: ©онлине магазин

За ваков скандал каде министерот за образование незаконски си се промовирал во професор на универзитет, оставката е најмалку што треба да направи, а освен тоа треба да си одговара и пред суд.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор и раководител во одделението за инспекциски надзор во високото образование, што ги откри незаконските професорски дипломи на министерот за образование, Адеми, и на заменикот во МВР, Нухиу, напиша отворено писмо во врска со соопштението на Државниот просветен инспекторат, во кое се оградува од тврдењата на инспекторот Илиевски за нерегуларностите на тетовскиот универзитет.

Да се запрашаме вака, што бараат Брисел, Париз или Берлин од Македонија кога викаат ви треба правна држава?

Токму ова, на луѓе како инспекторот Ѓорѓи Илиевски да им се дозволи да си ја вршат својата работа, а кога ќе откријат некого во законски престап, без разлика дали е министер или наставник, истиот да си одговара пред законот. Ова се малите примери, кои странските амбасадори ги нотираат и за кои ги известуваат политичарите во ЕУ дека во Македонија сеуште нема потребно ниво на правна држава, туку законите за некого важат, а за некого не важат.

 Писмото од Илиевски го објавуваме во целост:

Не сум изненаден од директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, и раководителот на Секторот за инспекциски надзор, Африм Саљиу, со ваквото соопштение бидејќи тие ми вршеа притисок со закани да се повлечат записниците и да не се праќаат решенија оти ќе трпам последици ако не ги повлечам записниците и не смеам да пуштам решенија.

Таквите закани беа на одржаниот состанок на 10.05.2019 година во канцеларијата на директорот, каде што беа присутни колегите Предраг, Зоран, Весна, Христина, Даниела, Снежана. На таквите закани им беше одговорено од моја страна дека јас сум самостоен инспектор и на сето што сум констатирал се потпишувам и стојам зад тие констатирани незаконитости. Им одговорив дека сакам професионално и законито да си ја завршам мојата работна кариера. А за ваквите закани ќе бидат информирани сите домашни институции, странски амбасади, средствата за јавно информирање, како и Државната комисија за корупција. Тоа и го направив, запознати се сите. Тоа стои и во Претставката бр.12-2682/1 од 13.05.1019 година, како и во дополнителна претставка доставена до Државната комисија за спречување корупција за напред наведеното.

Само да ги потсетам претпоставените. Дали треба да се почитува и применува Законот за инспекциски надзор – Основните начела на инспекцискиот надзор, ќе го истакнам само член 8 кој го обврзува секој инспектор, цитирам: „Инспекторот е самостоен при вршењето на инспекцискиот надзор и одлучувањето за дејствијата кои треба да се преземаат при вршењето на надзорот, како и за мерките што ќе бидат изречени по извршениот надзор“.
Оттука произлегува и член 31 став 2 од Законот за просветна инспекција, цитирам: „Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и другите акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки во определен рок кој ги определува инспекторот, а тој рок не може да биде подолг од осум дена од денот на донесување на решението“.

Од извршениот редовен инспекциски надзор, извршен на Државниот универзитетот во Тетово на 01. и 12.04.2019 година, на Правниот факултет од страна на моите колеги кои бевме на надзор 5 (пет) проверивме 33 досиеја во делот на наставно-научни звања на доценти, вонредни и редовни професори од страна на инспекторите беа констатирани законски пропусти, како и незаконско унапредување на јавните функционери во наставно-научни звања согласно Законот за високо образование и Законот за работни односи. Притоа се прибраа и целокупни документации кои ги поседувам и се предадени до Државната комисија за спречување на корупција на РСМ, како и доставена документација до кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Воедно, лично е запознат и министерот за образование и наука за неговата незаконитост која е констатирана за унапредување во наставно-научно звање доцент, како и за неговите интелектуални ангажирања кои добивале парични средства од универзитетот што е спротивно на Законот за високо образование, истото важи и за другите јавни функционери. Бев замолен да го прикријам целиот случај. Исто така, на неколку наврати ми се обрати и заменик-министерот за внатрешни работи, за кој исто така бев замолен да се сокрие овој случај.
Наместо да добијам поддршка од страна на директорот за таму каде што треба да се почитува законитоста. Тој подлегнува на некои според мене игри недостојни-непримерни кои најмалку ни се потребни сега кога тежнееме да се приклучиме до европските трендови и законитости.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор и раководител во одделението за инспекциски надзор во високото образование.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.