Тежок пораз на македонската репрезентација во фудбал од Австрија

Објавил: Узунов Бобан | 11 јуни, 2019 7:40

Австрија ја изрешети Македонија во Скопје, 4:1

Фото/Текст извор: ©магазин

Нов пораз на Македонија во квалификациите за Европското првенство, овој пат во лоша игра загубивме од Австрија со убедливи 4-1.Македонската фудбалска репрезентација не ги оправда очекувањата на јавноста, избраниците на Игор Ангеловски потфрлија, беа комплетно надиграни и понижени од Австрија која победи со 4-1. 

Стефан Ристовски, десниот бек на Спортинг Лисабон, по натпреварот против Австрија (1-4) застана пред новинарите и го анализираше мечот. Цело време целиме кон едно нешто, тренираме и се потиме, даваме максимум за една ваква презентација. Очигледно, не сфаќаме во главите. Не е ова пораз од еден гол, ова е дебакл за мене. Играме во клубови сите, но вакви презентации не покажуваме. За мене, дресот на Македонија е светост. Ако таму играш 100%, треба тука 200%. Криво ми е. Имаме на карта посилна репрезентација од цела група, но теренот го покажува своето. Не треба да се предадеме, ќе изгураме во оваа група, имаме уште една шанса за Европско првенство преку Лига на Нациите. Бевме многу слаби. Ако не извлечеме поука од ова, не знам од каде ќе извлечеме. Работата е што кога се соочуваш со репрезентации поспремни, треба малку да застанеш, да си помогнеш еден за друг. Криво ми е, денес се предадовме лесно“, изјави Ристовски.
 
Бундеслигашкиот ростер на Австријците беше далеку подобар од нашиот, посебно во брзината на игра и протокот на топка. Македонија тргна со поинаква формација на овој дуел за разлика од претходните, поведе прва со несреќен автогол, меѓутоа потоа се беше во знакот на противникот, кој дојде до пресврт-победа, со дури четири парчиња во нашата мрежа. По овој пораз, нашиот национален тим падна на петтото место на табелата и направи чекор назад во борбата за првите две позиции на табелата кои носат на ЕП 2020. Сепак, шанса за континенталниот собир остава Лигата на Нациите, каде „црвено-жолтите“ се во полуфиналето.
 

Австријците тргнаа доста офанзивно уште од стартот на натпреварот и по само 40 секунди ја имаа првата шанса. Во прилика влезе Арнаутовиќ, по една лоша реакција на одбраната, но Столе Димитриевски реагираше фантастично. Потоа, во 11. минута прилика имаше и Сабицер, но истата заврши крај голот, за потоа Македонија да го казни пропуштеното и да поведе во 18. минута со автогол на Хинтерегер, кој си ја заби топката во мрежата по нафрлена топка на Алиоски и лоша комуникација со голманот Линдер.

По примениот гол Австрија пак притисна. Главен играч беше Лазаро, кој ги водеше супербрзите контри и ги создаваше главните проблеми кај нашата дефанзива. Во 23. минута Австрија имаше две прекрасни шанси преку Арнаутовиќ и Сабицер, но Димитриевски имаше перфектна двојна одбрана, за десет минути подоцна да се закани и Лаимер, кој пласираше откосо, но шутот профуче над пречката. 

Дури во 31. минута Македонија ја имаше првата сериозна шанса на мечот, иако и претходно играше допадлив и отворен фудбал.  Една добра акција тргна од Елмас, заврши до Алиоски, кој го пронајде Пандев во казнениот простор, но најискусниот играч на нашата репрезентација шутираше само над голот иако имаше прекрасна позиција.

Изедначувањето пристигна во 39. минута, кога најдобриот играч на Австрија на овој натпревар, Валентино Лазаро, успеа да погоди со волеј по една нафрлена топка од Лаимер. Во 44. минута стативата го спаси нашиот гол, а иницијативата на гостинот продолжи по паузата и само луда среќа ја спаси Македонија во воведните десет минути од вториот дел

Но, вториот гол во нашата мрежа како да се насетуваше, па во 62. минута Бејтулаи наивно направи пенал, откако го покоси Сабитцер во шеснаесетникот, а одговорноста ја презема Арнаутовиќ, за комплетен пресврт (1-2). 

Во последните десет минути од мечот, Австрија го искористи уморот на Македонија која беше непрепознатлива на терен и точка на победата стави Марко Арнаутовиќ, со својот втор гол. Центарфорот на Вест Хем доби нафрлена топка од Сабицер и со глава се „поколни“ пред голот на Димитриевски, за 1-3. Веднаш потоа, следеше нов гол на Лаимер, за конечни 1-4.

Квалификациските мечеви за Македонија продолжуваат во септемврискиот прозорец, со гостување кај Израел на 5 септември. Нашиот национален тим има една победа, едно реми и два порази и со четири бода е на петтото место во групата, пред Летонија која е без ниту еден освоен бод. 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести