Собранието на Косови и Владата со забрзани средби околу нацрт резолуцијата за дијалог со Србија, со која ќе му се одземе правото на Тачи да преговара за размена на територии

Објавил: Мирко Бачиќ | 12 октомври, 2018 13:54

Ако не се обединиме околу Косово, Косово нема да го има

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Претседателот на косовското Собрание и претседател на Демократската партија на Косово (ПДК) Кадри Весели упати апел за обединување на сите партии за опстанок на Косово.

Весели по средбата со претставници на неколку парламентарни партии, порача дека “Косово треба да биде обединето” кога е во прашање дијалогот со Србија за конечно решавање на споровите меѓу двете земји.

Весели истакна дека нацрт резолуцијата за дијалогот, која ја предлагаат владејачките партии, го содржи сето тоа што го побарала опозицијата, но дека таа секако може да се дополни со нови точки.

Бевме заедно за да го зајакнеме Косово во дијалогот. Косово треба да има единствен став за платформата за дијалогот. Косово не смее да и дозволи на Србија да демонстрира сила врз нас, лидерство повеќе од нас и да покажува партнерство повеќе од Косово. Резолуцијата која ја предлагаме го содржи сето она што го кажуваат опозицијата и власта. – наведе Весели.

На средбата освен претставници на владејачките партии – ПДК, Алијансата за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата Ново Косово (АКР), меѓу кои и премиерот Рамуш Харадинај и вицепремиерите Фатмир Лимај и Беџет Пацоли,  учествуваа и претставниците на опозициските Алтернатива и Социјалдемократска партија на Косово (ПСД), пратениците Мимоза Кусари Лила и Дардан Сејдиу.

Средбата, како што и најавија претходно, ја бојкотираа двете најголеми опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ), на кои Весели им порача дека не треба да го гледаат дијалогот со Србија како можност за да дојдат на власт.

Имам една порака за ЛДК и ВВ, Не може да биде Косово, нејзините процеси и соочувањето со Србија бојно поле во борбата за власт. Позначајна е територијата и иднината од секоја фотелја на власта. Историска грешка е ако со нашата поделеност и дадеме простор на Србија да се покаже по силна од нас. – посочи Весели.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.