Извештај за 200 земји и територии

Објавил: Калина Мартинска | 23 април, 2024 19:43

Грција и Бугарија се против здруженијата на етничките Македонци, вели Стејт Депатментот

Фото/Текст извор: ©mkd.mk

Стејт департментот во извештајот за Бугарија дава сериозни забелешки за работата на бугарските судови кои и покрај бројни судски одлуки на меѓународни инстанци одбиваат да регистрираат етнички македонски активистички групи.

Се вели дека законот предвидува право на слобода на здружување и оти владата генерално го почитувала, но дека „властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’“.

„И покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите“, се наведува во извештајот.

Во него се додава дека во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврдил одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив, со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт.

Во мај, Апелациониот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд, нотира извештајот на Стејт департментот.

Инаку, најново во врска со односот на Бугарија кон македонското малцинство, е тужбата што до Судот за правда во Луксембург против Европската комисија ја поднесе Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград.

Види повеќе:

Македонци од Благоевград со тужба против Бугарија пред Судот за правда во Луксембург


Грција и македонското малцинство

Иако уставот и законот предвидуваа слобода на здружување, судовите продолжија да поставуваат законски ограничувања на здруженијата на самоидентификувани етнички Македонци или здруженија кои го вклучија терминот „турски“ како индикативен за колективен етнички идентитет, се вели во извештајот на Стејт департментот за човековите права во Грција во 2023 година.

„Турскиот сојуз на Ксанти“ со седиште во Тракија продолжи да работи без правен статус, врз основа на пресудата на Врховниот суд од 2021 година со која се одбива нејзината официјална регистрација поради „национална безбедност и јавен ред“, пишува во узвештајот на Стејт департментот.

Во овој документ е регистриран и случајот во април 2023 година кога полицијата уапси 10 лица, вклучително и осомничени членови на партијата Златна зора, под обвинение за напад на изложба на македонскиот уметник Сергеј Андреевски во Каламарија, северна Грција. Маскираните осомничени упаднале на изложбата, го принудиле уметникот да ги симне неговите дела и не дозволувале пристап до посетителите. Во своите летоци, поддржувачите на Златна зора го осудија давањето јавен простор на уметник кој потекнува од земја која, како што рекоа напаѓачите, ја „поткопува“ и „фалсификува“ грчката историја, пишува во извештајот на Стејт департментот за човековите права во Грција во 2023 година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.