Пратеникот Крсто Мукоски и неговиот брат Бобан, одлично пливаат во тендерските води, и во оние на Груевски но и во овие на Заев, мотив повеќе за поддршка на уставните измени

Објавил: Мартин Попоски | 14 декември, 2018 6:27

Братот на Мукоски за шест месеци инкасирал милион евра од државни тендери

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Над 58 милиони денари или околу 950 илјади евра е вкупната вредност на тендерите кои вевчанската фирма Атриум, водена од братот на обвинетиот пратеник Крсто Мукоски ги има потпишано со државни органи во последните 5 месеци.

Податоците се јавни и се впишани на сајтот на Бирото за јавни набавки.

Проблемот е што токму против таа фирма во тек е предистражна постапка за тендерот за варосување и дополнителни градежни работи на на скопскиот стадион пред одржување на европскиот супер куп и натпреварот на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Поради сомнежи дека зад итност на постапката за стадионот се кријат високи и напумпани цени за фарбање на квадрат ѕид и за градежни преправки, владата поднесе пријава, а финасиската полиција се уште го истражува случајот.

Досега финансиската полиција има побарано и добиено документација за тендерот од ПУИГ, од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

И додека таа зделка се истражува, Атриум доби уште најмалку 5 тендери од кои последниот пред само една недела од Станбен и деловен простор (АДСДП).

Тој тендер е во вредност од околу 700 илјади евра со ДДВ и се однесува на градежни работи на повеќе канцеларии и простор на агенцијата. Иако е познато дека има постапка против фирмата Атриум, компанијата не е на листата фирми со негативни референци и нема никаква законска пречка за учество на тендери.

На денот на јавно отварање на понудите немаше објавено негативна референца на сајтот на биро за јавни набавки, со што немало никаква законска пречка за учество на фирмата во јавното наддавање. – одговараат од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Атриум и на претходниот тендер за истата намена имал понуда, но во април оваа година тендерот е поништен поради пропусти во постапката, стои на сајтот е-набавки.

Сегашниот договор вреден околу 700 илјади евра го потпишал Бобан Мукоски, братот на обвинетиот пратеник Крсто Мукоски кој за време на немилите настани во Собранието ги отвори вратите и го отпочна насилниот хаос, а сега чека амнестија од колегите.

Повеќе медиуми објавија дека и пратеникот е еден од основачите на фирмата Атриум која и во претходната власт победуваше на тендери за градежни зафати.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.