Премиерот Заев направи скандал од обидот опремата која ја имаат сите витални институции за снимање на телефонските разговори да ја прикаже како опрема за прислушкување

Објавил: Мирко Бачиќ | 3 декември, 2018 6:30

Виновен за прислушкувањето е Јовески, Јавниот обвинител?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Премиерот Заев се премисли. Веќе ни самиот не знае кој и дали е прислушкуван, па по ВМРО – ДПМНЕ, како виновници ги посочи раководителите на институциите каде била опремата.

Oткако најпрвин ја обвини опозицијата за скандалот со прислушувањето на Јавното обвинителство и Кривичниот суд, вината сега ја лоцира кај одговорните лица во институциите кои решавале дали и на каков начин снимениот материјал ќе се (зло) употреби.

Вели дека модерните технологии дозволувале секакви можности, па и за прислушување, но најважно е на каков начин таа ќе се употреби. Се пофали дека тој, како прв човек во Владата, не дозволил во владината зграда да биде ставен било каков систем кој би бил искористен за прислушување, за , како што рече, „да не го боли главата“ кога во посета доаѓаат високи гости од светот, како американскиот потпретседател Мајк Пенс.

Модерните технологии нудат секаков вид на можности, но одговорноста е врз раководното лице во било која институција, судска, обвинителска, државна која одлучува што од тоа ќе употреби. Имаме системи кои треба да имаат снимање, но самиот шеф на обвинителство, претседател на Суд, министер или премиер одлучува што од тоа ќе употреби или не. Начинот на донесување на одлука дека тоа ќе се употреби, односно се става на снимање е кривично дело. – изјави премиерот.

Опозицијата го вперува прстот директно во кадрите на СДСМ, кои како што се потенцира, се уште ги прислушуваат граѓаните и институциите.

Велат дека иако поминаа цели три дена од откривањето на скандалот со нелегалното прислушување, министерот за внатрешни работи не дава директен одговор кој и зошто прислушувал и дали со прислушуваните разговори во последните две години биле уценувани јавните обвинители да носат одлуки по желба на луѓето од власта.

Побараа оставки веднаш.

Експертите од своја страна порачуваат дека е очигледно оти безбедносниот систем во државата е целосно урнисан, дека и секакви странски служби си работат без никакви пречки и дека единствениот начин за поправање на работите е да се направи голем рез, да се повлечат старите кадри и да почне безбедносниот систем да се крева од нула.

Државниот обвинител Љубомир Јовески во петокот обелодени дека во склоп на телефонската централа имало два хард диска на кои биле снимани разговори направени преку фиксните телефони во Обвинителството од 30 септември 2016 па до сега, а самиот Заев подоцна соопшти дека биле прислушувани и судиите во Кривичниот суд. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.