Селективна амнестија за откуп на пратенички гласови за поддршка за уставни измени, нацрт закон за кој се говори дека е дело на адвокатот Никола Тодоров по нарачка на премиерот Заев

Објавил: Мирко Бачиќ | 28 ноември, 2018 8:57

Во трет обид, прв состанок на телото на национално помирување

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Иако до сега одложено три пати, собраниското Координативно тело за помирување и интеграција денеска треба да го одржи својот прв состанок. 

Во јавноста излегоа информации дека веќе е подготвен нацрт  закон за амнестија, но официјална потврда за тоа се уште нема.

Неофицијално се работи за селективна амнестија која нема да ги опфати само немилите настани во Собранието туку и терористите од Диво Насеље и убијците од Смилковско езеро.

Канческа Милевска повеќе пати одби да одговори дали идеен творец на нацрт законот е адвокатот Никола Тодоров.

Пратеници од независната група на ВМРО – ДПМНЕ пред два дена соопштија дека на седницата се очекува да бидат изнесени размислувања во врска со содржината на законот за помирување за настаните во Собранието.

Координативното тело што го предводат потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група, брои 25 членови меѓу кои потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО – ДПМНЕ и претставници на независните пратеници и партиите кои немаат пратенички групи.

Дали законот за помирување ќе има поддршка од пратениците на опозициската ВМРО – ДПМНЕ ќе зависи од тоа што ќе биде понудено, посочуваат пратеници од оваа пратеничка група без разлика на тоа што не учествуваат во работата на Координативното тело.

Осумтемина пратеници кои се иницијатори на ова тело за помирување ја подржаа потребата за пристапување кон уставни измени и беа исклучени од ВМРО – ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека има средба со Никола Тодоров и Митко Јанчев во Струмица на која разговарале за работата на Координативното тело за помирување, за реформите и процесот на интеграција на земјата во ЕУ и НАТО, како и за процесот за уставни измени.

Тој нагласи дека верува оти јасно изразената одговорност од страна на Тодоров  и градоначалникот Јанчев може да охрабри одредени пратеници кои „знаат кој е исправниот чекор, а се уште немаат доволно храброст да го направат тој чекор“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.