Претседателот на Србија, Александар Вучуќ, по средбата со кинескиот колега Си Џинпинг, најави нови инвестиции за својата земја и возвратна посета на домаќинот

Објавил: Мартин Попоски | 20 септември, 2018 6:34

Вучиќ од Кина се пофали со нови инвестиции за Србија, најави посета на Џинпинг на Белград

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Повеќедневната посета на Кина на делегацијата од Србија на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ е главна тема во српските медиуми, а особено внимание привлече потврдата дека кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја посети Србија, што се толкува како јасен сигнал за кинеските инвестори за идни инвестиции.

Посетата на мешаната и голема политичко-економска делегација, во која се и министерот за финансии, енергетика, градежништво и сообраќај е долго подготвувана и би требало, како што се очекува, во Србија да донесе нови инвеститори и свеж капитал, и дополнително да ги зацврсти и унапреди почнатите проекти.

Пакетот договори потпишани со кинеските партнери претседателот Вучиќ во досегашните директни вклучувања од Кина ги опиша како големи економски инјекции кои „драматично ја менуваат економската позиција на Србија“.

Кинеските компании се присутни во Србија веќе неколку години а со заемното укинување на визите значително е зголемен и бројот на туристи од Кина, но аналитичарите имаат поделени мислења за реалните ефекти од досегашните кинески инвестиции.

За одделни економисти тоа досега главно биле кредити со обврска за ангажман на кинески компании, како изградбата на Пупиновиот мост меѓу Земун и левиот брег на Дунав во јужен Банат.

Кина досега во Србија има само две директни инвестиции: за 46 милиони евра беше купен долгогодишниот загубар, Железара Смедерево, со обврска за инвестирање уште 158 милиони, и фабриката за кабли Меи та во Обреновац, како инвестиција од 60 милиони.

Во кругот на аналитичарите кои сугерираат трпение и постепена проверка на ефектите од кинеските инвестиции и српско-кинеската економска соработка, се смета дека сегашната ситуација е позитивна за двете земји, засновајќи ги своите проценки со „оптимистичките изјави од двете страни, но и анализи на кинески и српски економски експерти“.

Србија, според оценките кои деновиве ја следат посетата на Вучиќ на Кина, се наоѓа на кинескиот Нов пат на свилата кон Европа, и Белград има намера да го најде својот интерес во заложбите на Џинпинг да трасира, пред се, економски пат од Пекинг до европските пазари.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.