Груевски и да биде (про)најден не смее да се апси, согласно Деловникот на Собранието но и Уставот, тој има и пратенички мандат и имунитет, па не е подлежен на притвор

Објавил: Мартин Попоски | 13 ноември, 2018 6:13

Груевски со мандат и имунитет, не смее да се апси

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

По синоќешните акции на органите на прогонот под водство на премиерот Заев и министерот за внатрешни работи, Спасовски, се отвора прашањето каков налог имаат за апсење на пратеник со умунитет?

Имено правата и обврските на пратениците се уредени во членовите 62 и 63, а нивниот мандат и имунитет во членовите 64 и 65 од Уставот на Македонија.

Во членот 64 се вели: “(1) Пратениците уживаат имунитет. (2) Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. (3) Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. (4) Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник. (5) За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили. (6) Пратеникот има право на надомест утврден со закон.“

Во членот 65 пак, се вели “(1) Пратеникот може да поднесе оставка. (2) Пратеникот оставката ја поднесува лично на седницата на Собранието. (3) На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. (4) На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во случајот со притворот на неколкумината пратеници заради немилите настани во Собранието на Македонија, неуставно беа приведени, а одговорноста е на Судот и за тоа треба да одговараат судиите кои им ја одредиле мерката притвор без одобрение на Собранието,

Деновиве е актуелна пресудата против пратеникот Никола Груевски и нејзиното извршување. Никола Груевски е осуден на казна затвор од две години.

Но, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 9 ноември 2018 година не донесе одлука за одземање на пратеничкиот мандат со потребното двотретинско мнозинство 81 од вкупниот број пратеници 120, колку што предвидува Уставот. Од вкупно 87 присутни пратеници, 58 гласаа “за“ одземање на мандатот, а 28 гласаа “против“.

Точно е дека на пратеникот Никола Груевски на 26 октомври му бил врачен упатен акт со кој требаше на 8 ноември да се јави во затворот “Скопје“ во Шуто Оризари, заради издржување на двегодишна затворска казна, којашто му е изречена за набавката на блинидиран “мерцедес“, во рамките на предметот “Тенк“.

Меѓутоа, имајќи предвид дека, Собранието не донесе одлука за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, не постои уставна основа за издржување на казната затвор додека му трае мандатот на пратеник.

Осудениот пратеник двегодишната казна затвор ќе ја одлеже откако ќе му заврши мандатот, меѓутоа се додека е пратеник, Судот не може да го упати на издржување на двегодишната казна затвор.

За волја на вистината, според членот 65 став 3 од Уставот, на пратеникот по службеност му престанува мандатот само кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, што не е случај со пресудата против Никола Груевски за предметот “Тенк“.

Во согласност со членот 62 став 3 од Уставотпратеникот ги претставува граѓаните“, според членот 66 став 1 од Уставот “Собранието е во постојано заседание“, а според членот 64 став 4 од Уставот пратеникот е должен “да ја извршува функцијата“ за којашто е избран.

Независно дали против Никола Груевски се водат и други предмети во Судот по кои може да биде осуден или ослободен од обвинението, независно од симпатиите или анимозитетот кон него, на сите мора да им биде јасно дека присилното приведување на пратеник за издржување затворска казна помала од пет години, посебно ако Собранието не му го одзел мандатот, е кривично дело и тоа треба да го имаат во предвид надлежните кои би влегле во таква авантура.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.