Доколку на Груевски му е одобрен статус на бегалец, за пет години ќе има право слободно да работи и живее во која било земја на ЕУ, објаснуваат извори во Европската Комисија

Објавил: Мартин Попоски | 23 ноември, 2018 8:19

Груевски ќе влезе во ЕУ пред Македонија?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Унгарија се уште не и дала официјални одговори на Европската Комисија за статусот на поранешниот премиер Никола Груевски.

Штурите одговори на Европската Комисија за азилот на Груевски во Унгарија во голем дел се должат на недостатокот на информации од страна на официјална Будимпешта, велат извори во европската извршна власт.

Унгарија се уште воопшто не потврдила официјално дека му одобрила азил на Груевски, ниту пак има обврска тоа да го стори, велат во ЕК. Унгарските власти на Европската Комисија и порачале дека имаат обврска да го информираат Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите Нации.

Поради тоа и Европската Комисија очекува дополнителни објаснувања од страна на владата на Виктор Орбан за причините и основите за доделување азил, како што порача денеска портпаролот на Европската Комисија, Маргаритис Шинас, но и еврокомесарот Јоханес Хан вчера.

Друг проблем е што поради отсуството на официјални информации за статусот на Груевски, нејасно е дали Унгарија му одобрила статус на бегалец или супсидијарна заштита. Иако се слични овие два статуса носат различни права и слободи за бегалецот.

Доколку на Груевски му е одобрен статус на бегалец, во тој случај тој за пет години од добивањето на статусот ќе има право слободно да работи и живее во која било земја на Европската Унија, објаснуваат извори во ЕК. Ќе може и слободно да патува низ ЕУ согласно правилата на Шенген, односно да не престојува повеќе од 90 дена во друга земја на Шенген зоната.

Доколку пак Груевски добил супсидијарна заштита, тој статус во принцип е лимитиран во времето, а неговата слобода на движење во остатокот од земјите на ЕУ е ограничена, објаснуваат во ЕУ.

Eвропратеникот од Унгарија Бенедек Јавор, вели дека и јавноста во Унгарија бара одговори од Владата за статусот на Груевски, но неизвесно дали некогаш ќе ги добие.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.