Во најголемата криза за Македонија, ММФ одобри исплата на 176,53 милиони евра итна финансиска помош за Македонија

Објавил: Македонка Димкин | 11 април, 2020 11:51

Дали парите од ММФ од 176.53 милиони евра ќе бидат наменети за ПЛАТИ?

Фото/Текст извор: ©принтшот / магазин

Во најголемата криза за Македонија, ММФ одобри исплата на 176,53 милиони евра итна финансиска помош за Македонија како помош во справувањето со пандемијата предизвикана од ковид-19.

» Појавата на ковид-19 предизвика голем удар врз економијата на Македонија. Властите брзо одговорија со насочена и привремена поддршка на фискалната политика за да се ограничи социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба, се вели во соопштението.

Во него се додава дека Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри исплата на 140,3 милиони СДР, (околу 176,53 милиони евра, 191,83 милиони американски долари, 100 проценти од квотата) на Македонија во рамките на Инструментот за брзо финансирање (РФИ). Оваа финансиска поддршка ќе помогне во финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација, обезбедување на итните потреби на платниот биланс што произлегуваат од пандемијата предизвикана од ковид-19 и забрзување на поддршката од меѓународната заедница.

РФИ овозможува брза финансиска помош на земјите-членки кои се соочуваат со потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс, без потреба од целосна економска програма или оценувања. Финансиската помош преку РФИ се обезбедува во форма на директни исплати.

»Економските изгледи на Македонија значително се влошија како резултат на пандемијата на Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови, создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс – изјави Тао Џанг, заменик извршен директор и вршител на должноста претседател на Извршниот одбор, по дискусијата во однос на Македонија.

Властите брзо одговорија со насочена и привремена фискална поддршка за да го ограничат социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба преку заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливите категории на домаќинства. Во меѓувреме, Народната банка на Република Македонија ја намали својата основна каматна стапка и спроведе регулаторни измени за да ги охрабри банките да ги реструктуираат долговите на висококвалитетните должници кои се погодени од пандемијата. Владата и НБРСМ остануваат силно посветени на зачувување на монетарната, надворешната и финансиската стабилност и се подготвени да ги преземат сите дополнителни мерки што би биле потребни.

Властите исто така изразија силна посветеност, откако ќе заврши кризата предизвикана од ковид-19, за обновување на фискалните бафери и спроведување на агендата за структурни реформи за да помогнат во зачувувањето на одржливоста на долгот и забрзување на конвергенцијата кон развиените економии на земјите од Европската Унија. Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ѝ помогне на Северна Македонија во борбата со пандемијата и во процесот на закрепнување на економијата, додаде тој.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.