Објавил: Магазин | 27 април, 2018 20:33

ЕУ и Мексико со нов договор за слободна трговија

Фото/Текст извор: ©

Претставниците на Мексико и на ЕУ уште минатата година најавија дека ќе ги забрзаат преговорите за да го обноват трговскиот договор потпишан во 2000 година, откако САД се заканија со воведување на тарифи на увоз на мексиканска роба и со повлекување од Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА).

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати се закани дека ќе го раскине договорот НАФТА, односно Северно-американскиот трговски договор, обвинувајќи ги Мексико и Канада дека ја злоупотребуваат отвореноста на американската економија. Договорот НАФТА е стар 24 години и во рамките на него годишно се постигнуваат договори вредни 1,2 трилиони долари.

Си-ен-ен проценува дека претставниците на Мексико и на ЕУ „изгледа директно удираат на мерките на американскиот претседател Доналд Трамп со изјавите во кои го фалат договорот како одбрана на ‘отворена’ трговија и трговија ‘заснована на прописи’“.

„Мексико и ЕУ делуваа заедно и постигнаа решение во заедничка корист. Го направивме тоа како партнери кои се подготвени да разговараат за да ги одбранат своите интереси, и кои се истовремено подготвени на компромиси за да ги исполнат очекувањата на другата страна“, изјави претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Договорот, според Си-ен-ен, претставува исчекор во потпирањето на Мексико на трговијата со САД.

Официјалните претставници, исто така, велат дека договорот ја отвора вратата на компаниите во Европската унија или Мексико да учествуваат на тендери за државни договори во странство, како и да ги регулираат работните, безбедносните и стандардите за заштита на животната средина.

Деталите на договорот ќе бидат предмет на понатамошни преговори пред да бидат формализирани.

Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието денеска изрази надеж дека наскоро ќе може да се постигне договор за модернизирање на трговскиот пакт НАФТА меѓу Мексико, Канада и САД.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.