Заев пред новинарите во Лисабон, посочи дека државата станува нормална, дека ќе се потруди да обезбеди 2/3 мнозинство за уставни измени и го побара Груевски да се врати дома

Објавил: Мартин Попоски | 9 декември, 2018 5:55

Заев најави дека стануваме “нормални”?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

По недоличните изјави на шефот на македонската дипломатија, со гаф или искрена политичка мисла се обрати и премиерот Заев од својата посета на Португалија, каде порача дека стануваме нормални.

Имено во еуфорична атмосфера пред финалното гласање за одобрување на Преспанскиот договор преку уставните амандмани ни Димитров ни Заев не внимаваат на својот речник.

Стануваме нормална земја, европска земја, каде што заедно со реформите се надеваме, убедени сме дека навистина ќе бидеме следната, триесетта земја членка на НАТО и во 2019 година ќе ги отпочнеме преговорите со отворање на Поглавјата за Европската Унија. – рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Лисабон, во рамки на дводневната работна посета на Португалија и неговото учество на Конгресот на ПЕС.

Во однос на процесот во Парламентот, во врска со уставните измени, согласно Договорот од Преспа, премиерот Заев во одговор на новинарско прашање изрази уверување дека инклузивниот процес во Собранието ќе заврши успешно.

Досега како што се движат работите, преку еден интерактивен процес во самиот Парламент, верувам дека ќе се соберат сили да се обезбеди двотретинско мнозинство како што се обезбеди на самиот почеток, за да се отворат уставните промени. Јавната дебата во Парламентот е многу конструктивна, квалитетна и верувам дека и преку тоа граѓаните ќе дознаат и за сите детали од самиот Договор со Грција, но и Парламентот ќе изнајде начин како да собере сила и да ја гарантира иднината на Република Македонија.

Затоа што конечно со овој Договор,  а и претходно со Договорот со Бугарија, ние ги затворивме нашите билатерални проблеми, кои што ги имавме со соседите. Стануваме нормална земја, европска земја, каде што заедно со реформите се надеваме, убедени сме дека навистина ќе бидеме следната, триесетта земја членка на НАТО и во 2019 година, ќе ги отпочнеме преговорите со отворање на Поглавјата за Европската Унија. – рече премиерот Заев.

На прашањето на медиумите за бегството и однесувањето на претходниот премиер, Никола Груевски, кој избега од Македонија, премиерот Заев рече дека согласно меѓународните стандарди и конвенции Груевски треба да биде вратен на издржување на правосилната судска пресуда во Македонија.

Заев изрази надеж дека Унгарија ќе ги преиспита одлуките и ќе го врати на издржување на казната.

Во Македонија, едно од најсилните реформи е реформата во правосудството, целиот правосуден систем е под строга контрола и мониторинг на Европската комисија и Европската Унија и преку еден транспарентен процес, јасна е казната на Никола Груевски со правосилна пресуда, која што беше дадена од судот.

Но, давањето на азил од страна на Унгарија за нас е навистина неприфатливо, затоа што ниту по еден меѓународен закон, меѓународна конвенција, дури и по законодавството на Унгарија, не е дозволен азил за човек, кој што е веќе осуден со правосилна пресуда. За нас е тоа многу горчливо чувство заради тоа што од една земја членка и на ЕУ и на НАТО, ваков сигнал да добиеме како земја кандидат навистина е непријатно. За нас, владеењето на правото, е светост, за нас европските вредности се светост. Ние се надеваме на тие европски вредности и веруваме дека навистина Унгарија ќе ги разгледа своите одлуки, ќе одговори на нашите барања и ќе го врати Никола Груевски на издржување на казната. – рече премиерот.

Заев изрази уверување дека, како што рече, пријателска Унгарија ќе постапи онака како што меѓународните Конвенции, меѓународното право тоа го предвидува, а тоа е да го прифати нашето барање за да го испорачаат или екстрадираат Никола Груевски назад во Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.