Меѓу првите мерки против ширењето на вирусот беше скенирањето на патниците на аеродромот во Скопје со термална камера, која потоа беше воведена и на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и на другите гранични премини.

Објавил: Рејхан Бајрами | 28 мај, 2021 6:12

Заев: Развиваме ефикасен систем за управување со кризи, ги ублаживме ефектите од пандемија и се фокусираме на долгорочен економски развој

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев вчера се обрати на виртуелната симулација на тема „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“, заедно со претседателот на Собранието, Талат Џафери и амбасадорка на Швајцарија во нашата земја, Сибил Зутер Техада, организирана од Националниот демократски институт во рамки на Проектот за парламентарна поддршка, наменета за клучните одговорности, структури и работни процеси во сите фази од кризата, односно – пред, за време и по кризата – и за идентификување на потенцијалните области и активности за подобрување, особено водени од искуството со пандемијата на вирусот КОВИД-19.

„Рано е да резимираме, но за потребите на ова мое обраќање по повод презентацијата на сознанијата од истражувањето „Управувањето со кризата како одговор на пандемијата со КОВИД-19 во Република Македонија“, спроведена во рамките на Програмата за парламентарна поддршка финансирана од Швајцарија, во партнерство со Собранието на Република Македонија и по повод симулацијата на управување со кризи насловена како „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“, чесно е да кажеме дека пандемијата со КОВИД-19 драматично го промени животот во нашата земја.

Го стави на тест целиот институционален систем како и однесувањето на сите кои во овој период имаа одговорност да се справат со оваа исклучително вонредна состојба.

Го стави на тест и личниот пристап и однесувањето на граѓаните, бидејќи и тие се соочија со пандемија со животозагрозувачки закани и со секојдневна неизвесност за нивното здравје, за здравјето на нивните најблиски и за здравјето на општеството.  

Уште повеќе што не само за нас, туку и за светот најшироко, ова беше ситуација без преседан. Ситуација за која не можевме да се повикаме ниту на некои наши претходни искуства, ниту на искуства на било која друга земја.

Оваа ситуација нѐ соочи сите нас со многу прашања и грижи. Наметна сериозни предизвици за здравјето на граѓаните, за јавното здравје, како и за економијата, а допре и некои аспекти на општата безбедносна состојба, особено во средините каде што беше неопходно да се прогласи кризна состојба.

Дополнителен предизвик за нашата земја и за институциите беше што пандемијата ја зафати Северна Македонија во време кога Собранието беше распуштено поради распишаните предвремени парламентарни избори, а извршната власт ја вршеше техничка влада. 

Техничката Влада, првенствено со мандат да ги организира и спроведе изборите, практично го пренасочи својот мандат во мерки и политики за справување со пандемијата, а со воведувањето на вонредната состојба ја добила и законодавната власт.

Со тоа за првпат во историјата на нашата земја имавме неколку преседани од кои најзначајно беше воведувањето на вонредна состојба на територијата на целата земја и овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила што практично беше единствената алтернатива заради уставната неможност Собранието повторно да заседава. 

Светската здравствена организација на 11 март прогласи пандемија. Република Северна Македонија првите мерки ги презеде уште во јануари 2020 година, кога после драматичните настани во Народна Република Кина и Италија, светот виде дека пандемијата почнува да се разгорува и дека има сериозни смртни последици.

Првата мобилизација беше направена во рамките на Министерството за здравство кога во јануари беше објавено дека одреден персонал, соодветна инфраструктура, опрема и места за хоспитализација на патниците кај кои се утврдуваа симптоми на КОВИД-19, а кои доаѓаа на меѓународните аеродроми.

Меѓу првите мерки против ширењето на вирусот беше скенирањето на патниците на аеродромот во Скопје со термална камера, која потоа беше воведена и на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и на другите гранични премини.

Непосредно потоа Владата препорача да се одложат патувањата во заразените подрачја, а Министерството за здравство беше задолжено за снабдување на училиштата, детските градинки, другите јавни институции и јавните тоалети со средства за дезинфекција и со друга заштитна опрема, како и за формирање на постојан центар за информирање на јавноста.

Кога беа донесени сите овие мерки, во земјата немавме пријавен случај на заразен пациент.

Првиот случај на КОВИД-19 кај нас е регистриран на 26 февруари.

Еден ден пред тоа Министерството за здравство формираше Координативно тело за прибирање и размена на информации за спроведување на мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на КОВИД-19.

Ова тело го сочинуваа стручни луѓе од највисоките раководни тимови на Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје, Комисијата за заразни болести, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, здравствените домови, Центрите за јавно здравје, Граничната и униформираната полиција на МВР, Царинската Управа, Министерствата за транспорт и врски, за одбрана, за образование и наука, Центарот за управување со кризи, и Секторот за односи со јавност на Владата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.