Спроводот следува откако Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда која сега веќе е правосилна, а со која таа е осудена на 7 години затвор, додека Јовановски на 9.

Објавил: Владо Марин | 23 јули, 2021 15:21

И Катица Јанева е спроведена во Идризово

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

По Бојан Јовановски – Боки 13, денеска во затворот во Идризово е спроведена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Спроводот следува откако Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда која сега веќе е правосилна, а со која таа е осудена на 7 години затвор, додека Јовановски на 9.

Меѓутоа, одбраната на Јанева реагира бидејќи таа е спроведена со наредба, а не со упатен акт кој смета дека во нејзиниот случај е неопходен.

„Куќниот притвор на Јанева е со важност до правосилност на пресудата. Одлуката на Апелација е донесена на 5 јули што значи тогаш пресудата станала правосилна и после тој датум таа е слободна. Затоа ние сметаме дека е неопходно таа да добие упатен акт, а не да биде спроведена со наредба“, вели нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска за „360 степени“, која најавува дека за ова ќе се жалат и до Европскиот суд за човекови права.

Одбраната на Јанева најавува дека ќе поднесе вонреден правен лек до Врховниот суд во врска со пресудата, а исто така планира да бара и прекин во издржувањето на затворската казна за што во наредниот период ќе ги прецизира и околностите.

Поранешната специјална обвинителка е осудена за злоупотреба на службената положба, а Јовановски за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.

Во истиот случај со нив, за примање награда за противзаконито влијание, беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште во декември 2019 призна вина и доби затворска казна од 3 години затвор. Таа е правосилна и од октомври лани тој ја издржува во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.