Тој кажа дека нема да отстапи од патот кој го зацртал неговиот претходник, Зоран Заев.

Објавил: Перо Милчин | 13 декември, 2021 7:04

Ковачевски: Наша е одговорноста за сè што ќе се случува во СДСМ, но и во државата

Фото/Текст извор: ©магазин/360 степени

Новиот претседател на владејачкиот СДСМ, Димитар Ковачевски, во вчерашното обраќање, по прогласот за неговата победа, ги повика сопартијците уште од утре „да ги засукаат ракавите“.

Тој вели дека сите што се подготвени на посветено и чесно работење, во интерес на граѓаните, ги смета за дел од неговиот тим.

„Вечерва СДСМ одржа лекција за демократија. Вечерва може сите да славиме за успешно спроведените избори, но, од утре, мора да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа. Наша е одговорноста за сè што ќе се случува со партијата, но и во државата во годините што следат. Секогаш кога СДСМ е силен и има јасна агенда, државата оди напред. Затоа ни треба силен и обединет Социјалдемократски сојуз. Ние сме столб на прогресивниот дел од општеството и граѓаните со право очекуваат од нас да работиме заедно, одговорно и посветено“, рече Ковачевски.

Тој кажа дека нема да отстапи од патот кој го зацртал неговиот претходник, Зоран Заев.

„Заев го консолидираше СДСМ во многу тешки услови, заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски, ги врати слободата и демократијата, воспостави едно општество на сите, ја внесе државата во НАТО и ја донесе пред портите на преговори со ЕУ. Тој ни остави аманет да го продолжиме патот на демократскиот развој и грижа за сите. Ние од тој пат нема да отстапиме“, рече Ковачевски.

Наследникот на Заев кажа дека неговата програма се заснова на три клучни принципи: враќање на единството во партијата, продолжување на социјалдемократските вредности и врз основа на нив градење на државните политики, како и давање фер шанса на сите кои поседуваат професионален капацитет.

Ковачевски освои убедливо мнозинство гласови на денешните внатрепартиски избори во СДСМ. Од вкупно 44 406 членови што излегле на гласање, за него заокружиле 37 649. Фросина Ременски, која е поранешна потпретседателка на партијата, освои 2 836, а за Јован Деспотовски, актуелниот в.д директор на Дирекцијата ТИРЗ, гласале 3 319 сопартијци. Неважечки биле 602 ливчиња.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.