Во моменти на зголемен притисок од ЕУ и САД да се реши 30 годишното отворено косовско прашање, опозицијата во Приштина ги враќа спомените од крвавата историја на маса

Објавил: Мартин Попоски | 24 септември, 2018 7:12

Курти: Мора да се запре лудилото на Тачи со границите

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Претседателот на опозициското Движење Самоопределување (ВВ) Албин Курти ја нарече “лична авантура” на косовскиот претседател Хашим Тачи неговата идеја за корекција на границата со Србија и порача дека таа мора да се запре што е можно поскоро.

Курти на конференција со претседателите на ограноците на неговата партија нагласи дека не смее да се дозволи таа опасна игра на Тачи да продолжи.

Оваа лична авантура на претседателот мора да се запре. Мораме да ја прекинеме таа опасна игра. – рече Курти.

Претседателот на втората најголема опозициска партија во косовското Собрание побара тим за преговори со Србија да се формира единствено откако соседната држава ќе понесе одговорност за убиствата, исчезнатите, силувањата и грабежите во последната војна.

Треба да се предаде на Србија тој список и да и се каже дека имаме 1.500 исчезнати лица,  20.000 силувани жени. Ние имаме потреба да и се обратиме на Србија за тоа што ни го должи. Се согласувам дека еден ден треба да има таков преговарачки тим, но не без да се поминат неизбежните фази. – порача Курти.

Курти минатата недела ги повика граѓаните на Косово, политичките партии и граѓанските организации на протест што, во организација на неговата партија, ќе се одржи на 29 септември во Приштина.

Целта на протестот, како што рече лидерот на ВВ, е “да се запре пазарењето со границите на Косово”, државата “да се одбрани од Тачи” и народот на Косово да покаже дека “не се потчинува на еден човек”.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.