Нелегална трговија со мигранти била спречена од страна на македонска полициска патрола.

Објавил: Магдалена Стојмановиќ | 6 март, 2020 12:10

МАКЕДОНСКИ АРАМИИ: Прават бизнис со нелегално превезување на мигранти до гранични премини

Фото/Текст извор: ©магазин

За време на Европската Бегалска Криза која започна во 2015 година а се продолжи и во 2016 година, многумина македонски граѓани видоа можност да профитираат незаконски и неморално. Имено законот забранува нелегалниот влез на мигранти да се заштитува или да се помагаат мигрантите да се движат слободно низ територијата на Македонија. Од друга страна мигрантите нудат дури и по неколку илјади евра за превоз до граничниот премин кон северната граница на Македонија. Често се случува некој од македонските граѓани во превозот на мигрантите да гледа можност за добра и лесна заработувачка.

Многумина трговци со мигранти во екот на бегалската криза беа откриени и осудени на казна затвор. Ригорозните казни, се чинеше дека ќе вродат со плод, но со новиот наплив на мигранти, се потврди дека луѓето сеуште се препуштаат на искушението да заработат лесни и брзи пари.

Вчера во југоисточниот дел на Македонија, полициска патрола спречила шверц на мигранти. Вкупно 43 мигранти биле сместени во камион кој се движел кон северната граница на Македонија. Се претпоставува дека тие 43 мигранти се дел од оние кои ја поминале грчката граница на нелегален начин, пред неколку дена, кога и се случи новиот наплив на мигранти.  

Претседателот Стево Пендаровски пред неколку дена беше во обиколка на јужната граница на Македонија. Од таму изјави дека Македонија е подготвена за новиот бран на мигранти.

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски изјави дека Македонија е подготвена да се справи со новиот наплив на мигрантите на јужните граници. Искуството што го има армијата на Македонија од пред неколку години е плодоносно за справување со новите предизвици. Иако Пендаровски убедуваше дека нема простор за грижа и паника, сепак македонските граѓани чувствуваат загрозување од најавениот мигрантски бран, бидејќи големи се шансите дека мигрантите доколку бидат пропуштени овој пат, ќе се задржат долго на територијата на Македонија, а не е направен план за начинот на кој тие ќе бидат третирани и сместени. 

Доколку се случи на грчката граница да се пропуштат мигрантите кон север, големи се шансите мигрантите да бидат заглавени на територијата на Македонија. Србија вчера најави дека доколку мигрантите се приближат до српските граници, српската армија ќе го спречи нивниот влез на српска територија по секоја цена. Слична изјава по повод новиот наплив на мигранти даде и унгарскиот премиер – Виктор Орбан. Македонските власти уште не се обратиле со официјално соопштение до јавноста за стратегијата во справување со новата мигрантска криза која е на повидок.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.