Францускиот претседател Макрон, откако ја нема Англија во ЕУ, на голема врата се позиционира за предводник на самостојна Европа, "подалеку" од САД и Русија

Објавил: Мирко Бачиќ | 4 септември, 2018 6:50

Макрон: Путин сонува да ја расформира ЕУ!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за шведската телевизија ВБТ изјави дека претседателот на Русија, Владимир Путин фантазира за тоа да ја „расформира Европска унија“.

– Постојано сум во контакт со Владимир Путин, го почитувам, но сонот на Путин е да ја расформира ЕУ, истакна Макрон.

Претходно, Макрон на прес конференција со финскиот претседател Саули Нинисто изјави дека стабилизацијата на односите помеѓу Русија и ЕУ ќе придонесат за стратешко партнерство помеѓу Москва и Брисел во областа на одбраната и безбедноста.

На изјавата на францускиот претседател, дека Русија сака да ја расформира Унијата, реагираше портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потенцирајќи оти „Москва е заинтересирана за стабилна и предвидлива ЕУ“.

– Бидејќи ЕУ е главен трговски и економски партнер на Русија, иако ја следи Кина, ние сме заинтересирани за развој, просперитет, предвидлива и стабилна Европска унија, посочи Песков.

Тој наведе и дека Путин има многу конструктивен работен и добар личен однос со Макрон, што им помога да разговараат за отворените прашања и проблеми „за кои двете земји отворено изразуваат различни ставови“.

Песков истакна и дека односите помеѓу Русија и ЕУ не се замрзнати на руска иницијатива, како и оти тоа не е во интерес на ниту една земја членка на ЕУ ниту на Русија.

– Штом Брисел покаже волја, Русија ќе биде подготвена да тргне по патот за подобрување на односите, посебно во некои области, меѓу кои се дијалогот за енергетиката и некои други, истакна Песков, додавајќи оти „односите продолжуваат да напредуваат“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.