петок, 3 мај 2024

MK/ EN/ DE



Синоќа кај Мицкоски, коалиционите партнери од "За подобра Македонија", на тема СДСМ и владеење, но сеуште без конкретен став за референдумот

Објавил: Мирко Бачиќ | 2 септември, 2018 8:18

Мицкоски одржа средба со претседателите на партии од Коалицијата „За подобра Македонија“

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,  оствари средба со лидерите на политичките партии кои се дел од Коалицијата „За подобра Македонија“.

Главна тема на средбата беше претстојниот референдум и позициите на партиите во однос на ова прашање.

Во соопштението од партијата се вели:

„Доминираше ставот дека договорот потпишан во Нивици со соседна Република Грција е капитулантски чин и предизвикува долгорочна штета по повеќе основи. Со него се менува името на Република Македонија, Уставот, националниот идентитет, традицијата, историјата и културата. Со капитулантскиот договор на Заев не само што се брише македонскиот јазик и се откажува од Македонците надвор од границите на државата, Заев се откажува и од Македонците  во границите на Република Македонија.

Коалициските партнери се согласни дека ваквиот капитулантски договор потпишан од уценети политичари не може и не смее да биде покритие за општиот грабеж, расипништвото и хедонизмот на власта.

Државата доживува крах на сите полиња.  Економијата е пред колапс, образованието и здравството се гушат во проблеми, а земјоделието пропаѓа. Единствено што функционира и што е организирано е криминалот на картелот на власт, кој не пропушта секоја јавна набавка да ја додели на фирми во сопственост или блиски до функционери на власта.

Од страна на Претседателот Мицкоски беше истакнато дека ВМРО – ДПМНЕ продолжува со активностите на терен со цел да го слушне гласот и волјата на членовите, активистите и граѓаните врз основа на која ВМРО – ДПМНЕ ќе го донесе конечниот став по однос на референдумот“. – стои во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.

Не е јасно дали на состанокот станало збор и за одметнатите пратеници од политички партии кои ја напуштија коалицијата, како што е Амбди Бајрам, но и партии кои останаа во коалицијата но нивните пратеници решиле да делуваат независно јавно поддржувајќи ги политиките на СДСМ и ДУИ, како што се пратеници на ГРОМ на Јакимовски и на Социјалистичка партија на Љубисав Иванов – Ѕинго затоа што нивниот број е клучен за евентуалното прокламирано 2/3 мнозинство на Заев во Собранието на Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.


Ние користиме колачиња за да ја подобриме практичноста на веб-страницата. Со вашата посета се согласувате со ова.