Професорката Најчевска со закана во случај на протести за актуелната власт

Објавил: Узунов Бобан | 27 февруари, 2019 12:03

Најчевска: Следниот пат наместо боја можеби треба да фрламе лајна врз политичарите

Фото/Текст извор: ©магазин

Професорката Мирјана Најчевска, која вчера доби решение од МВР да плати казна поради фрлање боја врз државните институции за време на Шарена револуција, денеска порача дека нејзината борба не е завршена. Таа на својот фејсбук профил пишува:

,,Излегов на улица затоа што не можев да најдам веќе друг начи на кој ќе се спротиставам на самовластието на една политичка гарнитура.
Ги подучував граѓаните дека заслужуваат подобро.
Застанав пред борните коли и до заби вооружените полицајци за да покажам дека институциите веќе не работат во интерес на граѓаните, туку за некоја партиска врхушка.
Се борев за промена на власта која заборави дека државата се граѓаните, а не тие самите.
Без употреба на сила, без рушење и убивање и повредување. Со симболично фрлање боја врз државните институции кои веќе не работеа за граѓаните туку за партиите на власт.
Шарената револуција влезе во учебниците во светот со својата посебност и поинаквост.
Симболиката беше јасна: ја шараме државата заради тоа што државата не ја препознава различноста, не турка во еднозначност и игра на картата на нашиот страв. Ја шараме затоа што сме сите различни и поинакви и со различно потекло и размислувања и јазици и вери и … Ја шараме затоа што не сакаме да рушиме туку да се ослободиме од затворот во кој не беше ставила една политичка гарнитура.
И ете, доаѓа казна. За шарањето. 
Не е проблемот да платам 50, 100, 200 евра.
Проблемот е многу суштински и страшен.
Проблемот е што актуелната власт со овој чин испраќа порака дека воопшто не ја разбрала симболиката. Не разбрала за што станува збор. Дека само фингирале дека се дел од прекрасниот народ кој излезе на улица со единствена цел да бидат калиф наместо калифот.
Актуелната власт испраќа порака дека оние кои биле жртви на еден режим и понатаму ќе продолжат да бидат жртви, а оние кои бенефицирале од истиот тој режим и понатаму ќе бенефицираат. 
Во име на на наводно нереваншистичко постапување се легализираа и легитимизираа сите противправни дејствија на минатата власт, сите противправни вработувања, сите противправни узурпации, сите противправни напредувања и дипломи и имотна корист и функции и спечалени пари и … Меѓутоа треба да бидат казнети тие кои се побунија, тие кои кренаа глава, тие кои не прифатија криминал како орадие на политиката. Е тие треба да бидат казнети и столчени и замолчени да не им текне веќе никогаш да писнат против било која власт.

Можеби грешката е во нас. Можеби симболиката беше преапстрактна за малите умови кои само сакаа да влезат во чевлите на претходникот.

Можеби идниот пат кога ќе излеземе на улица наместо да фрламе боја на институциите ќе биде подобро да истуриме кофи со лајна врз нив самите. Врз политичарите. Можеби тоа ќе го разберат. Можеби тоа е повеќе на нивото кое им е блиско и препознатливо.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.