СЈО започна со серија барања за изрекување мерки претпазливост за осомничени во случаите кои ги води против поранешни и актуелни функционери на ВМРО - ДПМНЕ

Објавил: Мирко Бачиќ | 6 декември, 2018 10:58

Осомничената Чингаровска остана без пасош за предметот “Талир”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Осомничената Елизабета Чингаровска остана без пасош откако Кривичниот суд го прифатил барањето на специјалното јавно обвинителство и и определил мерки за претпазливост.

Освен одземениот пасош, Чингаровска треба еднаш неделно да се пријавува во судот.

Чингаровска заедно со Илија Димовски и Леко Ристоски се осомничени дека сториле кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Според образложението на СЈО, во периодот од 2011 до 2015 година осомничените Миле Јанакиески и Елизабета Чингаровска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро-сметката на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ преку готовински уплати на уплатници ПП10 во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците.

Потоа парите биле внесени на жиро-сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а осомничените Илија Димовски, Елизабета Чингаровска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО – ДПМНЕ.

Елизабета Чингаровска беше претседателка на Комисијата за хратии од вредност и директорка Државниот пазарен инспекторат.

СЈО поднесе две обвиненија за случајот „Талир“ за нелегално финансирање на опозициската ВМРО – ДПМНЕ.

Едното обвинение е за нелегално финансирање на ВМРО – ДПМНЕ, во кое е осомничена Чингаровска, а другото за незаконската изградба на седиштето на партијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.