Сашо Мијалков доби "потврда" од судот дека ќе го следи процесот на уставни измени и национално помирување од "хашката" соба во истражниот затвор Шутка во Скопје

Објавил: Мирко Бачиќ | 6 декември, 2018 6:27

Отфрлена жалбата до Кривичен, Мијалков останува зад решетки

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ја одби жалбата на Сашо Мијалков и ја потврди одлуката на судија на претходна постапка да му одреди 30 дена притвор како осомничен во истрагата на СЈО „Империја“.

Судот се произнесе и во јавноста со кратко соопштение.

По произнесување на странките како и ценење на фактите и доказите во жалбата, советот донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судија на претходна постапка, на начин што определи мерката притвор да продолжи да опстојува поради постоење на причините предвидени во член 165 ст. 1 т. 1 од ЗКП. – соопшти попладнево судот.

Мијалков од судија на претходна постапка доби на 2 декември втора мерка притвор во траење од 30 дена. Првата, како за обвинет во „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување, му е укината, а втората како за осомничен во истрагата на СЈО „Империја“.

По барање на СЈО втората мерка притвор му е поради опасност за влијание врз сведоците и опасност од бегство.

За „Империја“ во притвор се неговиот кумашин Орце Камчев, газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески и уште тројца блиски соработници на семејството Камчеви.

Осомничените во „Империја“, според СЈО, испрале најмалку 10.5 милиони евра. Засега, истрагата на СЈО опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата се проширува.

Осомничените во „Империја“ испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2.5 милиони од странство, преку офшор компании, покажаа првичните истраги на СЈО. Со тоа го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра. Но, ова се само почетните суми, истрагата се проширува и на други лица и фирми, а веројатно ќе има и други кривични дела. – рекоа од СЈО.

Веќе им е замрзнат имотот на осомничените во случајот „Империја“. Исто така привремено се забранети финансиски трансакции на фирмите кои се сомничат и судот им наложил на повеќе банки да го запрат одливот на пари од сметките на фирмите.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.